Почна судењето за нападнатите новинари на „А1 он“, обвинетиот не чувствува вина

Во Основниот суд Скопје 1, денес започна процесот за нападот на новинарската екипа на „А1 он“, за време на вториот ден од протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, на 28 февруари минатата година.

Од физичкиот напад новинарот Александар Тодески и снимателот Владимир Желчески, кои биле на работна задача, заработија телесни повреди и потрес на мозокот.

За случајот се обвинети две лица за кривично дело насилство, од кои едното сè уште е непознато. Еден од двајцата обвинети, денеска пред судот изјавил дека не се чувствува за виновен за случувањето. По завршување на рочиштето тој не сакал да даде изјава за медиумите.

„А1 он“ пренесува дека оштетените Тодески и Желчески сведочеле дека непосредно пред физичкиот напад слушнале како лице побарало тие да се легитимираат за кој медиум работат, а кога одбиле да го сторат тоа, биле нападнати со удари во главата и по телото.

„И ден-денес, една година подоцна, кога ќе се сетам на немилиот настан, чувствувам страв и немир“, вели Желчески.

Следното рочиште за овој случај е закажано за 25-ти мај.