Почина писателката Дубравка Угрешиќ

Културниот центар „Мама Загреб“, информираше дека починала познатата писателка Дубравка Угрешиќ.

„Со голема жалост ве информираме дека Дубравка Угрешиќ не напушти. Таа почина денес, на 17 март, 2023 година во Амстердам, во кругот на најблиското семејство и пријателите“, се вели во објавата на „Мама Загреб“.

Фото: Steye Raviez

Дубравка Угрешиќ родена во 1949 година е  писателка, преведувачка, есеистка, научничка,  филмска и телевизиска сценаристка. Дипломирала општа и компаративна книжевност и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб.  Работела повеќе од дваесет години на Институтот за теорија на книжевноста. Угрешиќ во 1993 ја напушта Хрватска поради политички причини и се преселува во Амстердам. Држела предавања на многу универзитети. Соработувала со неколку американски и европски литературни списанија. Добитничка е на многу реномирани книжевни награди, а за романот „Форсирање на романот река“ (1988) ја добила книжевната награда НИН.

Таа е авторка на делата „Лисица“ , „Баба Јага снесе јајце“, „Министерството на болката“, „Штефица Цвек во вилиците на животот“, „Поза за проза“, „Култура на лагата“, „Министерсто на болката“, „Форсирање на романот река“…

Во 80-тите години, Угрешиќ беше носителка на феминистичкиот бран на просторите на поранешна Југославија, а нејзината хероина Штефица Цвек од книгата „Штефица Цвек во вилиците на животот“ стана своевидна културна икона. Поради цврстиот антивоен и антинационалистички став кој го зазема во 1991 година, на почетокот на војната во поранешна Југославија, авторката беше „осудена“ од хрватските медиуми и јавни личности. Агресивниот линч врз нејзиниот лик и дело ја принудуваат да ја напушти сопствената татковина и да замине за Амстердам. Нејзиниот удел во модерната европска литература е огромен и важи за една од најдобрите, но и најпремолчуваните хрватски писателки.

Со своите романи („Музеј на безусловното предавање“, „Министерство на болката“, „Баба Јага снесе јајце“) и есеистички книги (од „Култура на лагата“ па сè до последната „Европа во сепија“), Угрешиќ останува во врвот на европската литература, задржувајќи го вниманието на публиката како брилијантна критичарка на посттоталитарните општества. Таа е луцидна и субверзивна авторка која, слично на Набоков, потврдува дека способноста да се памети е начин да се спаси нашиот морален идентитет. Слично на другите големи автори на егзилот во 20. и во 21. век, нејзините рефлексии и перцепции за културата и културната меморија се некои од најоригиналните што воопшто можат да се прочитаат.

Во 2014 година, Угрешиќ го посети Скопје, каде беше одржана дебата на тема „Надвор од нацијата: книжевноста помеѓу траумата и слободата“, каде се опфатија теми на која таа пишуваше во своите есеи –  уметникот во тоталитарните култури, родовите и националните идентитети, „малите“ и „големите“ книжевности, насилството на „нацијата“, исчезнувањето на концептот на „авторот“ итн.

Модератор на дебатата беше универзитетската професорка Маја Бојаџиевска.

Дубравка Угрешиќ: Стана исто дали купувате Ајфон 7 или новата книга од Мураками