Дубравка Угрешиќ: Стана исто дали купувате Ајфон 7 или новата книга од Мураками

„Вие ме поканивте на роденден, на петтиот јубилеј на Фестивалот, а јас ќе речам дека путерот во тортата е малку бајат. Иако не е особено љубезно да се приговара. Но знаете, јас сум против фестивализација на книжевноста…“ му рече Дубравка Угрешиќ на Сеид Сердаревиќ, селекторот на Фестивалот на светска книжевност, на фестивалската трибина насловена „Разоткривање“, што се одржуваше во „Кино Европа“ во Загреб.

Угрешиќ ги спореди фестивалите со саемите на книга: „Има значајни саеми и сите знаат кои се тие саеми на кои треба да се оди. Тоа се средби на издавачати и таму писателите нема што да бараат. Фестивалот е замислен како институција што би требало да биде средба помеѓу авторите и читателите. Секогаш се потсетувам на фантастичната изјава на Маргарет Етвуд: „Тоа што сакате паштета од гуска, не значи дека мора лично да се запознаете со гуската“. Фестивалот значи запознавање со гуската, а добил и уште неколку первертирани облици. Се работи за парите што доаѓаат…Во ЕУ постои културна бирократија што си замислила дека културата мора да биде мажена со туризмот. Па, така низ Европа имате илјадници фестивали“. Угрешиќ наведува дека во Хрватска има 23 книжевни фестивали. „Сега кажете колкав е бројот на писатели и на книжарници во Хрватска. Дали бројот на фестивали е поголем од бројката на книжарници?“

Поводот за разговор беше новата книга на авторката Угрешиќ, „Лисица“, што летово ја издаде „Фрактура“. Во неа, меѓу останатото, таа раскажува како настануваат приказните во главите на писателите, го опишува тој творечки процес наведувајќи примери како Борис Пилњак и Владимир Набоков, исклучително важни автори за неа.

Како што не се ниту многу други наслови од Угрешиќ, така ни оваа книга не е жанровски мејнстрим, создадена е од фрагменти на автобиографија, есеистика на тема смислата и причините за пишување, историски референци врз кои натаму ја гради фикцијата…Говорејќи за мешањето на есејот и романот, спомнува дека тоа е „источноевропска традиција што треба да се негува. Милан Кундера својот роман го изгради како комбинација на есеј и фикција. Тоа го правел и Булгаков. Мене тоа не ми е туѓо, таа комбинација на различни наративи ја учев од источноевропските писатели. Но, тоа е она што ја отежнува перцепцијата на тие романи на европскиот и на американскиот пазар…Мислам дека книжевноста толку многу изгуби заради другите медиуми што потполно е бесмислено да се „штанцаат “книги…мора да гледате како нешто да раскажете на невообичаен и интересен начин…“

Романот е насловен според животното кое е симбол на итрината и предавството: „На едно повисоко ниво, лисицата за мене ги претставува естетските принципи на руската авангарда, кои за мене беа формативни. Сите принципи на руската авангарда, всушност се принципи на саботажа, предавство на очекуваните принципи, воспоставување на нешто ново, игра со читателот. Така што лисицата може да биде интересен симбол на цел сет авангардни постапки кои се однесуваат и на книжевноста и на кое било уметничко дело“, вели најпреведуваната хрватска писателка, наградена со значајни награди, да спомнеме само дека минатата година, ја доби престижната „Neustadt International Prize for Literature“, тнр, американска Нобелова награда што ја доделуваат Универзитетот Оклахома и списанието „Светската литература денес“, потоа дека во 2016. ја доби и наградата „Виленица“, што секоја година ја доделува Друштвото на словенечките писатели, а во 2009 година беше меѓу финалистите за Букеровата награда (Man Booker International Prize).

Зборувајќи за пролиферацијата на школи за креативно пишување, прашана дали има смисла некого да се подучува како да пишува, таа вели: „Тоа го измислија Американците, затоа што таму и започна комерцијализацијата на уметноста. Потоа измислија начин како да ги заштитат своите уметници кои не се комерцијални. Најприроден облик на таа заштита беше да се воведе подучувањето на креативно пишување, тие луѓе да си го заработат лебот на некој од факултетите, божемно да предаваат пишување и да добиваат редовна плата. Тоа е исклучително хуман и паметен начин да се заштити она што не може да се продаде. Истата работа ја имаа и Русите, школи и факултети за креативно пишување, но заради друга причина, исто паметна, бидејќи луѓето што ги посетуваа тие школи имаа пристап до најновите филмови и книги, тешко достапни за другите. Тука е и грижата за студентите по книжевност.

Во една таква школа го гледав филмот „Професија репортер“, многу пред да дојде во југословенските кино сали. Јас сум против тие школи, во Европа има милион такви школи, некои од нив се многу скапи, а произведуваат премногу луѓе со такви дипломи. Тие не читаат, не ги интересира историјата на книжевноста, тие само сакат да пишуваат. „Таквите се вработуваат во корпорациите, им ги пишуваат говорите на директорите, пишуваат реклами, интелигентни упатства како се вклучува машината за перење…“

Угрешиќ порачува дека наместо школи за пишување треба да имаме школи за читање и продолжува: „Читањето и натаму се губи затоа што учителите се помалку квалификувани, теориите на читањето веќе не се модерни, во весниците нема интелигентни критики од љубителот на читањето би можел да слушне како да се чита книжевното дело. Престанаа да нè учат и како да гледаме уметнички дела“, вели таа.

Туристички одиме по музеи, а не разбираме ништо, застануваме пред сликата и не знаеме да ја читаме. „Та, повеќе не знаеме да читаме ни поезија. Признавам дека веќе не знам да ја читам поезијата. Во Хрватска веќе немате списанија. Ниту ЕУ не успеа да влијае да се направи европско списание за книжевност. Тука, сè повеќе се губат тие знаења. Книжевноста се претвора во социјализација. Да купите книга од Харуки Мураками е исто како да купувате iPhone 7, цела ноќ чекаат во редица за да дојдат до iPhone 7, како што чекаат за го купат новиот Мураками. И не е нужно да го прочиташ, туку само да кажеш дека го имаш новиот Мураками…“

Извор: Окно / Јутарњи лист