Почина Марин Бабиќ, доајенот на македонското глумиште

Синоќа во Скопје на 74 години почина актерот Марин Бабиќ, доајенот на македонското глумиште.

Бабиќ дипломирал на Театарската академија во Софија во 1971 година, а таа година станува и дел од Драмски театар – Скопје, каде го поминува целиот свој работен век.

Тој ќе остане запаметен по бројните и значајни улоги не само во својата матична куќа, туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги имаше во претставите „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, „Најголемиот подвиг на витезот Сукало“, „Ивона кнегиња бургундска“, „Заводникот од западниот свет“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Косанчиќев венец бр. 7“ и многу други.

Покрај сценската глума, Бабиќ имаше и бројни филмски и ТВ улоги меѓу кои „Бушава Азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ и многу други.

Бабиќ ќе остане запаметен и како идеен творец на култната манифестација „Глумците Пеат“, и по поетскиот серијал „Бебули“ со неговите маестрални интерпретации на современата поезија.