Претставата „Андора“ победник на „Скупи Фестивал 2022“

Претставата „Андора“ од авторот Макс Фриш и во режија на Куштрим Бектеши од Театар „Беким Фехмиу“ во Призрен ја доби Наградата за најдобра претстава на 16-тото издание на „Скупи Фестивал 2022“ кое траеше од 9-14 септември.

„Оригиналноста во изборот на еден текст е тој да провоцира со сите негови тешкотии и во тоа режисерот да го најде најдобриот начин да ги води актерите. Оваа претстава е важна, поради нејзината тема и да не` потсети нас публиката за сите геноциди кои се случиле и никогаш да не се повторат“, стои во образложението на жирито составено од Милена Селими од Албанија, Сенем Џевер од Турција и Теа Беговска од Македонија.

Наградата за најдобра актерска креација му припадна на актерот Васил Дуев од претставата „Осамени Ликови“, на авторот и режисерот Васил Дуев од театарска работилница Сфумато од Софија.

Наградата „Луран Ахмети“ за колективна актерска игра, пак, беше доделена на преставата „Лавина“ од авторот Тунџер Џуџеноглу во режија на Стефан Бодрожа, коопродукција од „Театар Нови Пазар“ и „Пулс театар“ од Белград.

На Фестивалот оваа година публиката можеше да проследи шест престави: „Свадба” од Албанија, „Тесла – Прилагодување на ангелите” од Хрватска, „Лавина” од Србија, „Осамени ликови” од Бугарија, „Бајка” од Италија и „Андора” од Косово.