„По токсичната врска немам самодоверба“ – прашање до психотерапевт

Радио МОФ повторно ја отвори платформата за психолошко советување, каде лиценцирани психолози/психотерапевти дадоа стручно мислење на конкретни прашања што ги поставија нашите читатели. Нивните одговори ќе бидат објавувани на нашиот сајт, секако анонимно.

Се наоѓам во период на зацелување после токсична врска каде што јас се чувствувам помалку вредно и немам самодоверба и мислам дека никој никогаш нема да ме сака и да ме прифати таква каква што сум, бидејќи константно бев под притисок и навредувана и испрашувана за цело мое минато за сите интимни односи. Ми треба помош во враќањето на самодовербата и ослободување од стравот.

Macedoniangirl

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и гешталт психотерапевт од Психотерапика

Најпрво ти благодарам што најде сила и храброст да се огласиш за нештата кои те мачат и да тргнеш да трагаш по решенија за надминување на истите. Знам колку истото не е воопшто едноставно, ниту пак лесно, особено по една токсична врска. За жал, отровот од токсичните врски може да остане уште долго во нас откако самата врска е завршена, правејќи да се чувствуваме како да сме искршени на стотици парчиња и како веќе да не знаеме ни кои сме и ни какви сме. Намалената самодоверба во ваквите ситуации оди рака под рака со намалената само-вредност и со стравот од напуштање, како и несигурноста дали заслужуваме или не заслужуваме да бидеме сакани. Токсичните врски скоро секогаш се драматични по својата природа, а најчесто најдраматично е нивното завршување. Целата таа динамика неретко креира неверојатни виори од емоции кои како да ја збришуваат јасната слика која сме ја имале за себе и не оставаат полни со стравови и сомнежи. 

Од она што го креирав како впечаток од твојот допис ми изгледа дека брзо после завршувањето на оваа токсична врска си побарала утеха влегувајќи во друга врска која неславно завршила, после што ти и се почувствувала уште полошо. За жал, од твојот допис не можам да добијам јасна слика во однос на ситуацијата со која се соочуваш бидејќи ми недостигаат информации во однос на природата на овие твои врски, траењето на истите, како и временскиот простор помеѓу нив, какви биле спецификите на вашите динамики помеѓу тебе и твоите партнери во тие две врски, како овие партнерски релации биле поврзани со остатокот од вашата околина, како и со каков тип на токсичност си се соочила во врската која ја нарекуваш токсична.  

Не е невообичаено, ако си била во токсична врска подолго време, да се навикнеш да се ставаш себеси на последно место кога се во прашање твоите потреби. Веројатно си била склона „за мир во куќа” да ги приоретизираш потребите и барањата на партнерот, а своите да ги држиш во заден план. Кога таквата ситуација трае доволно долго неприметно може да доведе до тоа да просто комплетно заборавиме кои сме и какви потреби имаме. Дополнително, доколку во врската постои елемент на понижување, исмејување или навредување од страна на партнерот тоа да придонесе (повторно сосема неприметно) со текот на времето да креираме слика и доживување за себе која е заснована на овој негативен наратив, најчесто дека сме безвредни, недоволно добри за нешто повеќе или дека не го заслужуваме ни тоа што го имаме, а камо ли повеќе. Ова ме потсетува на оние криви огледала во кои кога се огледуваме себе добиваме смешна и искривена слика за себе. Но, доколку премногу долго се гледаме во ова криво огледало почнува да ни е искривува сликата за себе и почнуваме да веруваме дека смешниот искривен одраз е вистински репрезент за тоа кои сме. Затоа за почеток те охрабрувам да размислиш како би одговорила на прашањето „Која си ти?”. 

Како би се исцелила од натрупаната токсичност, неопходно ќе биде да отпочнеш еден процес на ре-откривање и ре-дефинирање на самата себе. За почеток обиди се да е потсетиш себе си каква си била пред оваа врска? Кои беа нештата кои ти се допаѓаа кај самата себе? Како си се дефинирала себе си? (преку начинот на облекување, изборот на музика, друштвото кое си го имала и слично). Потоа, потсети се каков фидбек во однос на тоа каква си си добивала од другите? Обиди се да се потсетиш себе си што другите чие мислење си го ценела ти рекле за тоа каква си ти? Што ти рекле твоите родители? Што коментар ти дал омилениот наставник? Што ти рекле твоите најдобри пријатели? Секој човек со кого стапуваме во интеракција може да ни биде огледало во кое можеме да се огледаме. Избирај ги оние во кои ќе се огледаш себе си мошне внимателно. Затоа и те охрабрувам во периодот кој ти претстои да се опкружиш со луѓе кои ќе го будат најдоброто во тебе и кои ќе ти помогнат истото да си го видиш и уважиш. Размисли кои би биле за тебе овие луѓе? Со кого би сакала да бидеш во овој момент? И не чекај нив да им текне да те побараат бидејќи секој си има свои процеси, обврски и нешта кои во овој момент му се случуваат. Наместо тоа размисли чие друштво во овој момент добро ќе ти дојде и иницирај го контактот со нив. 

Охрабри се себе си да гледаш во своите потреби и да научиш да посегнуваш кон нив. Ова вака кажано звучи многу едноставно, но знам дека истото воопшто не е лесно. На почетокот можеби ќе ти изгледа исклучително тешко и можеби ќе направи да се соочиш со многу свои стравови, несигурности и внатрешни демони. Но, од друга страна како ќе ги победиш истите ако прво не ги запознаеш? Започни со мали чекори и верувам дека ќе успееш. За почеток потсети се кои биле нештата во кои се уживала порано? Што те правело исполнета и среќна? И размисли колку од сето тоа важи за тебе и сега? Што друго би те направило среќна и исполнета во овој момент?

Исто така, не брзај во започнувањето на нова врска. Очекувањето другиот да ни помогне во исцелувањето на самите себе си често пати води до разочарување бидејќи креира очекување другиот да застане во позиција која не е негова. Не може еден човек да ни биде и партнер/ка и сурогат родител, и ментор, и психолог, и психотерапевт, и животен тренер, или што ли и да очекуваме од него. Нашиот иден партнер може да ни биде само партнер и да ни дава поддршка во процесите од таа позиција. Но, патеката на исцелување мора да ја одиме сами, а доколку ни е потребна дополнителна помош да ја побараме на друго место од лице кое е спремно и обучено истото професионално да го направи. 

Многу е важно во процесот на самоисцелување  да научиме да ги препознаваме знаците на нашата душа и да ги уважуваме потребите кои истата ни ги сигнализира. Силно верувам дека длабоко во себе секој од нас има неисцрпна мудрост и способност да се згрижи и само-исцели себе си, неопходно е да се слушаме и следиме себе си, сфаќајќи дека станува збор за процес на детоксифицирање, само-откривање и редефинирање на себе си за кој е потребно време. Неопходно е да бидеме нежни кон себе си и трпеливи, креирајќи време и простор за себе-грижа како би си ги вратиле на место сите делчиња од себе што можеби сме ги подзаборавиле или подизгубиле во токсичната врска. Лично многу ми се допаѓа аналогијата на јапонската уметност на кинцуги. Тоа е уметност во која скршениот сад се лепи и поправа со злато, после што истиот се смета за многу поубав и повреден бидејќи станува уникатен и неповторлив. Затоа те охрабрувам да гледаш на ова искуство низ кое во моментов поминуваш како на процес кој не те остава искршена, туку кој низ своите огнени јазици ти помага да се реосмислиш себе си и од истиот да излезеш возобновена, посилна, помоќна и со многу појасна слика за тоа која си и колку вредиш. 

Се надевам дека мојот одговор ќе ти помогне во процесот на трагање по своите одговори и  реоткривањето на својата вистина за себе. Ти посакувам многу убавини и успех вдолж ова твое возбудливо патување. 

Оваа активност е поддржана од Светската здравствена организација, со финансиска помош од Европската Унија во рамки на Заедничкото делување на ЕУ и СЗО во однос на зајакнување на флексибилноста на здравствените системи во земјите од Западен Балкан при имплементацијата во Република Северна Македонија.