По Северна Кореја, Лајбах на Таксират во Македонија

Култната словенечка група Лајбах ќе настапи на главната вечер на Таксират, на 7 декември во „Метрополис арена“. По скоро осум години, словенечката авангардна група доаѓа во Скопје со нов албум – „Spectre“.

Лајбах со овој албум повторно е една од најголемите атракции на музичката сцена. Откако го промовираа ширум Европа, годинава следеше и турнејата во САД, а неодамна го привлекоа вниманието на медиумите од целиот свет со тоа што станаа првиот западен бенд кој доби дозвола да настапи во Северна Кореја, најзатворената земја на светот.

[Интервју] Laibach: Размислувавме да останеме во Северна Кореја

По Северна Кореја, единствената група од регионот која успеа да ја зацврсти меѓународната кариера со серија исклучителни албуми, своето последно остварување ќе го претстави на Таксират во Скопје.

Лајбах е една од највлијателните групи од југословенските простори, која на почетокот на 80-те години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а останаа запаметени како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци „Рамштајн“. По 35 години кариера и покрај светскиот успех, Лајбах успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден денес е верен претставник на музичката авангарда. Како вистински легенди тие важат за едни од најгенијалните индустријал уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката.

По подолга пауза, „Лајбах“ лани со објавувањето на песната и спотот „Whistleblowers“ конечно се појави повторно на музичката сцена и го најави новиот албум „Spectre“ со кој уште еднаш се издигна во новосоздаден, но појасен и сигурен формат. Истиот одекнува како нивно најреално и полнокрвно дело и прави голем, речиси опасен чекор напред. На овој албум групата – која никогаш јасно не се дефинира себеси политички, но, сепак, постојано ја анализира политиката преку своето дело – доаѓа политички ангажирана како никогаш порано. „Spectre“ звучи како политички манифест манифестиран во поетска форма, а насловите и текстовите не може да бидат подиректни.

Покрај „Лајбах“ за фестивалското финале на „Таксират“е потврдено гостувањето на еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „Ла Пегатина“. Годинава во знак на „Таксират“ ќе се одржат и бројни дополнителни музички настани, од кои веќе е најавено одржувањето на втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27 и 28 ноември во МКЦ, која ќе биде затворена со годинашното издание на „Лузер Фест“.