Отворен конкурс за учество на натпревар за млади бендови на „Лузер фест“

Седум дена пред главната фестивалска вечер на „Таксират“, на 28-ми ноември во МКЦ ќе се одржи новото издание на „Лузер фест“. Организаторите ги повикуваат сите македонски млади и неоткриени бендови до 10 октомври 2015 да испратат три свои песни на конкурсот.

Минатата година се возобнови овој дел од „Таксират“ кој низ годините ги пречека и испрати бендовите Лоши Деца, Синиак, Верка, Боргот, ФИСТ, Ска Рингишпил, Новиот Почеток, Хардфејсд, Сторм, Конкјуринг Лајон и уште многу други демо бендови кои се испробаа на некои од македонските музички сцени.

Минатогодишните победници PROJECT 2501 имаа можност да настапат на бината на ПОХОДА, најголемиот фестивал во Словачка, како и да бидат дел од размената на артисти преку програмата ЦЕЕТЕП. Во моментот тие работат на финализирање на својот албум, како награда од минатогодишниот „Лузер Фест“, кој ќе излезе кон крајот на годината. Сцената на ЕГЗИТ ги одбра КОРТЕКС кои за првпат настапија на најдобриот европски фестивал.

И оваа година:

  • Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под на „Пасворд Продакшн“;
  • Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „Sрancir“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на своите фестивали. Постои можност да се додадат уште 2 потенцијални настапи за најдобрите на Лузер Фест, во Чешка и Полска.

Победникот ќе биде избран од жири, како и од гласовите на публиката. Жирито ќе биде во мешан етничко – национален карактер и ќе бидат вклучени селектори од горенаведените фестивали.

За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:

  • три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
  • контакти
  • фотографија и
  • кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, најдоцна до 10 октомври 2015, треба да бидат испратени на и-мејл адресата: info@password.mk& lina@password.mk . Следете ги објавите на официјалната Фејсбук страна на Пасворд и Таксират, каде соодветно ќе бидат објавувани детали од правилата и наградите за победниците на Лузер Фест 2015.

  • „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
  • Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
  • Не примаме песни со семејни и традиционални вредности
  • Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно
  • „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
  • Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување