[Интервју] Laibach: Размислувавме да останеме во Северна Кореја

Минатата недела, авангардната словенечка група Laibach ги одржа најавените концерти во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, станувајќи со тоа првиот западен бенд кој гостувал во оваа земја.

Во интервју за Rolling Stone, чии најинтересни делови ги пренесуваме, Иво Селигар од Laibach објаснува што научиле членовите на групата на ова возбудливо и по многу нешта единствено патување:

Какви беа вашите први впечатоци од Северна Кореја кога пристигнавте?

„Точно е како што очекувавме…. но, на некој начин и целосно различно“. Неколку дена подоцна, размислувавме за опцијата: што доколку е можно да останеме да „живееме овде за да достигнеме повисока мудрост во себе“. Земјата можеби е сиромашна и изолирана, со репресивен политички систем, но луѓето се фантастични и изгледа дека ја поседуваат таа вердна мудрост која ние ја немаме.

Како ве прими Владата?

Од повисоко рангираните државни службеници, имавме контакт само со заменикот-министер за култура, кој исто така прави компјутерска музика. Тој не зборуваше најдобро англиски, па нашата комуникација беше многу формална и љубезна.

Каков беше пречекот меѓу обичниот народ? 

Обичниот народ на Северна Кореја е дефинитивно највредното нешто во државата. Немаше цинизам, сарказам, иронија и вулгарност и други „западни“ карактеристики во нивните очи, на нивните лица или во однесувањето. Имаше само искрена скромност, добрина, гордости и почит. Немаше воена парада за прославата на 70-годишнината од ослободувањето на земјата од јапонската окупација. Луѓето само достоинствено танцуваа насекаде низ улиците и парковите на Пјонгјанг.

Каква е Северна Кореја?

Сообраќајните полицајци се интересни да се гледаат. Прават некои крајно интригантни биомеханички движења, речиси роботски ритуал на средина на крстосниците, веројатно по цел ден. Не ни се допадна тоа што не ни бепе дозволено слободно да се движиме, но во земја што е херметички затворена од надворешниот свет и од медиумското загадување, странците се „отровни“ субјекти што би можеле да им ја пренесат својата идеолошка болест на жителите на оваа комунистичката утопија, ова колективно „Шоу на Труман“.

Какви погрешни претстави имаат луѓето од Западот за Северна Кореја? 

Тоа е земја што сите на Запад сакаат да ја мразат, но повеќето приказни кои се пишуваат по таблоидите за Северна Кореја се целосно погрешни. Не, Корејците не им фрлаат луѓе на кучињата, ниту пак гладуваат поради недостиг од храна.

Laibach пристигна во Пјонгјанг, почнува историското гостување во Северна Кореја

Американците, на пример, воопшто не ги мразат во Северна Кореја, туку напротив – тие се добредојдени. Корејците не ги изедначуваат американскиот народ и политиките на неговата влада. Да се влезе во земјата не е воопшто тешко. Всушност, веројатно е полесно отколку да се влезе во САД. 

Пјонгјанг, кој би комплетно бомбардиран и уништен за време на Корејската војна – секако, од американски бомби, денеска е прекрасен, чист, добро одржуван и сликовит град со импресивна архитектура и паркови.

Севернокорејците се смеат и се шегуваат, а луѓето насекаде се „достоинствено“ облечени. Децата учат англиски од седмогодишна возраст. Корејците сакаат да се отворат кон светот, но сакаат тоа да го направат полека и на свој начин, многу поразлично од Кинезите.

Што е она што би ги изненадило луѓето за оваа земја?

Произведуваат одлично пиво. Тоа во земјата се смета за освежителен пијалак, па многу се популарни малите пивници. Можете да пиете пиво бесплатно, од отворени контејнери кои се поставени на улиците. Се пуши внатре во хотелите и во рестораните, не морате да се плашите од казни. Пјонгјанг, но и остатокот од земјата, веројатно е најбезбедното место во светот за пешачење – ако ве пуштат да пешачите. Ова е и добро место за љубителите на канабисот. Северна Кореја околу ова е многу либерална, а поседувањето трева е легално.

Како луѓето реагираа на вашата музика? 

Корејците никогаш не слушнале таква музика, па изгледаше како да не знаеја што да мислат. Но, да повторам, тие реагираа многу љубезно, аплаудирајќи на секоја песна, а на крајот на концертот не испратија со стоечки овации. (Можеби само им беше драго што завршило. Сирискиот амбасадор не беше задоволен – коментираше дека било „премногу гласно, речиси како мачење“).

Еден постар господин кажа прекрасна реченица: „Не знаев дека ваква музика постоела на светот, но сега знам.“