По десет жени и девојчиња се убиени во Мексико секој ден, открива извештај на „Амнести Интернешнл“

Најмалку десет жени и девојчиња се убиени секојдневно во Мексико, открива нов извештај на „Амнести Интернешнл“. Фамилиите често се оставени сами да водат истрага за фемицидите, пренесува „Гардијан“.

Извештајот на „Амнести интернешнл“ кој беше објавен оваа недела, го документира растот на фемицидите и загрижувачкиот недостиг на системско решение од страна на мексиканските власти.

„Мексико и понатаму не успева да ја исполни својата должност и да ги истражи фемицидите со што ќе ги гарантира правата на живот и личен интегритет на жртвите, но и да го спречи насилството против жените“, се вели во извештајот.

Фемицидите се децениски проблем во Мексико – во 1990 се случи „епидемија“ од убиства која ги зеде животите на 400 жени. Денес, во Мексико расте феминистичкото движење во чии рамки беа организирани масовни протести против насилството, но власите не презедоа ништо за да ги спречат убиствата.

„Секогаш станува збор за политичка волја“, изјави Марикруз Окампо, активистка за женски права.

Окампо била дел од тимовите кои лобираат властите да преземат нешто во врска со фемицидите кои имаат вртоглав раст, со цел да се зголеми јавната свест. Но, властите често одбиваат да преземат било што, бидејќи се грижат за својата јавна слика.

„Тие одбиваат да увидат дека постои проблем“, додала таа.

Во 2020 година во Мексико биле убиени 3723 жени. Околу 490 од нив се водат како фемициди.

Според извештајот, пронајдени се случаи во кои фамилиите за загинатите самостојно ја вршеле истрагата, бидејќи биле игнорирани од полицијата. Во голем број случаи полицијата ги уништувала местата на злосторствата бидејќи немарно се однесувала со доказите. Полицијата воопшто не се трудела да дојде до геолокациски информации преку мобилните телефони на жртвите.

Во случајот на Џулија Соса, чии деца веруваат дека таа била убиена од нејзиниот партнер, телото на жртвата било пронајдено закопано во дворот на осомничениот. Тие требало да ја чекаат полицијата неколку часа. Според сведочењето на една од ќерките на Соса, полицаецот заспал за време на распитот.

Партнерот на Соса се обесил, па полицијата го затворила случајот.