По 100 години, Париз ќе дозволи пливање во Сена

Со една година до Олимписките игри во Париз, се случува и „историско“ чистење на Сена, што значи дека во градот повторно ќе можат да се видат пливачите во Сена, пишува „Euronews“.

Активната забрана за пливање во реката трае веќе еден век поради нечистата вода, но Олимписките игри ја носат промената, па проектот за чистење чини 1.4 милијарди евра.

Освен тоа што Сена ќе се користи за пливачите од три олимписки и параолимписки категории, до 2025 година е најавена и изградба на три локации за пливање во Сена под отворено небо.

„Кога луѓето ќе видат како олимписките атлети пливаат во Сена без здравствени последици, ќе бидат уверени и тие да започнат да пливаат во реката“, изјавил Пјер Рабадан, заменик градоначалник на Париз.

Како и многу западни градови, и Париз настрада од падот на квалитетот на водите, поради изградба на канализациите во градот чие население постојано расте.

Во 1923 година париските градски власти го забраниле капењето во Сена, иако сѐ  до Втората светска војна останал годишниот божиќен пливачки натпревар.