„Плати семестар“ – Хуманитарна кампања за помош на студенти од самохрани и еднородителски семејства

Здружението Млади од семејна разновидност – Скопје спроведува хуманитарна кампања „Плати семестар“, која има за цел да обезбеди финансиска поддршка на повеќе од 100 млади лица од самохрани и еднородителски семејства да ги продолжат своите студии. Финансиските тешкотии се честа причина зошто младите од самохрани семејства не можат да се запишат или мораат да ги прекинат студиите, велат од здружението, па со оваа иницијатива сакаат да обезбедат средства за плаќање семестарски школарини и административни трошоци, и на тој начин да овозможат еднаков пристап до образование.

„Го пуштивме јавниот повик за ‘Плати семестар 2025’, иницијатива што ми значи повеќе од што може да замислите. Зошто? Бидејќи системот 6 години нè кочи – нас како организација, а преку тоа и младите од самохрани и еднородителски семејства, кои не можат да го остварат своето право на половична партиципација. Право што, бај д веј, си постоело до 2017 година, но без никаква причина било укинато и исчезнува од секој правилник. Во 2019 го откривме тоа. И од тогаш буквално не престанавме. Сè уште застапуваме, гласно и кај што треба и не треба и кај што мора и не мора, пред сите институции. Но сè додека таа борба трае, младите не можат да чекаат, ниту нивното образование, па затоа мора да делуваме“, истакнува Елена Божиновска, претседателка на Млади од семејна разновидност.

Тие досега преку платформата eCrowd.mk имаат собрано околу 11 илјади денари, а за да финансираат 100 студенти потребни се 600 илјади денари.

„Со донирање за оваа иницијатива, можете да поддржите барем еден студент да го започне, продолжи или заврши своето образование. Видовме стотици приказни, и тешки судбини: Студенти кои патуваат секој ден од други градови. Родители кои не можат да го покријат семестарот, бидејќи тој чини половина до две третини од нивната месечна плата. Студенти кои иако работат, не можат да си дозволат да уживаат во студентскиот живот, бидејќи мораат да се грижат за болна мајка, помал брат, или пензиониран татко“, истакнува Божиновска.

Инаку, Млади од семејна разновидност веќе пет години работи на унапредување на правата на децата и младите кои растат во самохрани и еднородителски семејства. Нивниот фокус е елиминирање на дискриминацијата и создавање инклузивни можности, особено во образовниот систем.