[Став] Дали Iknow системот постои за да „влече“ пари од студентите?

Пишува: Ангела Бошкоска, студент

Понеделник наутро. Последен рок за заверка на зимски и запишување на летен семестар. „Студентски прашања“ имаат продолжено работно време, но секако е гужва. По паузата што завршува во 10:30, просторијата се полни со студенти кои чекаат во колони со индекси во рака, рачно пополнети обрасци за заверка и запишување нови предмети и секако уплатници од 6.150 денари или ако е вонреден студент 12.300 денари + провизија од пошта или банка.

Петнаесетина деца во четириесетте минути додека висевме во „Студентски прашања“ беа вратени од шалтер сосе нивните документи и уплатницата, причина – ги немале пријавено предметите онлајн на Iknow. Електронскиот систем за пријавување предмети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Iknow служи за студентите да ги изберат предметите заедно со кодовите (за секој предмет различни) што потоа треба да ги напишат на хартиените обрасци кои чинат 100 денари. Ако студентот положи, професорот е должен во тој систем да ја внесе оценката. Студентите секако своите оценки треба да ги си приберат и во индекс, а професорите пред да ја впишат во индекс треба да ја прегледаат рачно пополнетата пријава за испитот што доаѓа со печат од студентски прашања.

Оваа голгота што секој студент (и професор) треба да ја помине при секое запишување/заверување семестар и пријавување испити не е нималку едноставна кога Iknow системот „паѓа“, се блокира, им прави проблем на студентите најмалку еднаш дневно кога тие се обидуваат да ги изберат предметите.

Јас сум студентка во втора година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега имам успешно запишано и заверено три семестри. Предметите на Iknow ги внесувам во последната минута додека чекам ред на студентски прашања затоа што дотогаш постојано паѓа системот, па да имам доказ дека навистина „не е до мене“. Од Факултетот секогаш навремено ни праќаат мејл со информации за документите, работното време на „Студентски прашања“ и роковите за пријавување испити. Овој пат ни пратија мејл со линк кој не функционира, а во него било назначено дека последниот рок за запишување на предметите во Iknow е 8 февруари, додека роковите за запишување на семестарот физички беа 9 и 12 февруари.

Петнаесетте студенти кои ги споменав, вклучувајќи ме и мене денес ги немавме внесено предметите во Iknow. Враќањето од шалтер беше зачинето со информацијата дека треба да платиме казна од 2.000 денари и да се вратиме со уплатницата во некој од следните денови заклучно до 16 февруари.

Реков „добро“ и ѝ го отстапив редот на колешката. Додека се движев кон излезот уште едно девојче ме праша дали ме вратиле бидејќи ги немам внесено предметите во Iknow и кога ѝ одговорив потврдно излезе и таа. По неа излегоа уште неколку студенти, меѓу кои и колега од мојата група. На неговиот коментар дека постојано собираат пари од студентите, вработените му одговориле дека и тие „мора да земаат плата од нешто“.

Вработените во „Студентски прашања“ треба да земаат плата од казната што ја плаќаат студенти.

Студенти кои имаат 10-ки, а за што плаќаат 6.150 денари за семестар + 150 денари провизија + 100 денари обрасци + пријави за испити. Сето ова осум пати во текот на четири години студии. Студенти кои немаат речиси никаква помош од државата. Студенти кои од октомври се’ уште немаат добиено ниту денар стипендија која патем самите ја „заработиле“. Нашите сметки остануваат празни и денес, иако по заканите за студентски протест, од Министерството за образование и наука гордо се пофалија дека ги исплатиле продолжените стипендии и заостанатите на оние студенти кои потпишаа неколку анекси за парите кои им се ветуваат уште од 2022 година. Истовремено оттаму минатиот понеделник (денот на протестот) „исплашено“ уверија дека стипендиите на сите нови корисници (јас сум од нив) ќе стигнат на сметка до крајот на претходната недела. Но, стипендија нема.

Без денар стипендија и 100 и кусур евра што ги уплатив денес, сега треба да платам уште 2.000 денари + провизија. Кога ќе ги платам ќе можам да го запишам новиот семестар и да го заверам стариот иако рокот е поминат зашто изгледа кога има пари, нема рокови.

Друго што ни одговорија од „Студентски прашања“ е дека секогаш кога имаме проблем треба да направиме „скриншот“ и да им го пратиме на мејл за тие да може да средат, што е легитимно. Но, не го решава проблемот на сите нас кои деновиве треба да платиме казна. Но, можеби вистинското прашање што треба да си го поставиме е зошто постои Iknow електронски систем кога ние и натаму плаќаме за хартиени обрасци и инвестираме од нашето време за пополнување и чекање ред за печат од студентски прашања? Или електронскиот систем на најголемиот универзитет во земјава постои колку да го има? И не можам а да не го поставам, од сите програмери што ги испродуцира најпопуларниот ФИНКИ, зошто УКИМ не ангажираше барем еден да го подобри овој електроснки систем во распаѓање?

Последново искуство води до тоа дека системот постои за да „влече“ пари од студентите. Петнаесетина студенти за 40 минути по 2.000 денари. „Студентски прашања“ денес работат до 15:30.

Пишува: Ангела Бошкоска, студент