Групна изложба „Професори и студенти“ во МКЦ

На 9 јуни во 20 часот, во галерискиот простoр на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде отворен изложбата ,,Професори и студенти“, во организација на Град Скопје и МКЦ.

Изложбата ќе вклучува широка селекција на дела изработени од младите студенти и нивните професори од факултетите и школите за уметност и дизајн во земјава, меѓу кои: Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ), Факултет за дизајн и мултимедија (ФОН), Факултет за арт и дизајн при Европски универзитет, Факултет за уметности при Државниот универзитет во Тетово и ,,Скала“ – Школа за дизајн и уметност.

Според организаторите, настанот има цел да стави акцент на широкиот спектар од наставни програми со кои располагаат приватните и државни универзитети во Македонија, да ја потенцира разликата меѓу нив, како и да ги актуелизира наставните потенцијали и квалитетот на нивните ученици со дела од областа која ја студирале.

Изложбата, всушност ќе биде еден селектиран избор на веќе етаблирани, но и автори чијшто потенцијал допрва ќе се развива, уметници од различни генерации, сликари, графичари, фотографи, скулптори, илустратори но и претставници од модниот дизајн и индустрија, кои посветено работат на полето на визуелните уметности години наназад.

Изложбата ќе биде поставена до 21 јуни.