Платформата за некои функционира, за други не – поделени искуства од првиот онлајн час

„Нè станаа во 7, класната ја немаше до 7:50, имавме класен пет минути и нè пуштија“, „Не можев да се вклучам“, „Одлично беше, немаше никаков технички проблем“, , „Лоша конекција и многу доцнеше и кочеше звукот“, „Со неоправдан, а зошто? Па да, изгледа ние сме криви што системот паѓа на пет минути“, се дел од коментарите за првиот училишен час кои Радио МОФ ги доби од ученици кои оваа учебна година наставата ќе ја следат онлајн.

Друг ученик пак, смета дека за одржувањето часови платформата „Дискорд“ е многу подобра, отколку сегашната.

„Денес беше супер, иако имавме еден час. Платформата колку, толку, е добра. Речиси сите бевме на час, барем кај нас. Пристојно бевме облечени повеќето и очекувам добри работи од оваа година“, коментира друг ученик за Радио МОФ.

Од Министерството за образование и наука (МОН) преку соопштение пак, велат дека се во постојана комуникација со тимот од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Бирото за развој на образованието (БРО) кој работи на платформата, и посочуваат дека од утрово нема посериозни пречки за одржување на олајн наставата.

„Министерството за образование и наука информира дека за успешно одржување на онлајн настава најважен е делот од платформата којашто е базирана на ‘Мајкрософт тимс’. Последните тестови што се одвиваа во текот на вчерашниот ден, без проблеми се најавија и се приклучија на Мајкрософт тимс сите ученици коишто ги имаат добиено лозинките во текот на минатата недела. Исто така, во моментот ФИНКИ работи на оптимизација на останатиот дел од платформата“, стои во соопштението на МОН.

Но, уреди за следење на онлајн наставата, според министерката Мила Царовска, немаат околу 40.000 деца. За нив, постојат алтернативни начини на кои ќе ја следат наставата.

Наставната содржина на албански и македонски јазик, ќе може да се следи на Македонската телевизија, по распоред кој е даден од БРО. Часовите ќе траат по 15 минути, а училишниот ден ќе почнува во 8:30 часот.

Во училиштата пак, каде постојат услови, едно до две деца ќе можат да ја следат наставата со физичко присуство, додека наставникот држи онлајн настава. Дополнително, образовни материјали ќе се дистрибуираат до родителите кои подоцна ќе ги достават до учениците.

Уште на првиот пробен час преку Националната платформа пред неколку дена, учениците до нашата редакција испратија повеќе поплаки каде ги споделуваа искуствата. Но, оттаму, тогаш потенцираа дека таа намерно се оптеретува за да се тестира.

Платформата овозможува видео и аудио врска на учениците и наставниците и преку неа има можност за споделување материјали, мултимедијални содржини, да се прават брзи квизови и тестирања на учениците. За нејзино користење, професорот од ФИНКИ Боро Јакимовски за Радио МОФ потенцираше дека и постар компјутер ќе заврши работи при користењето, но дека предизвик тука ќе биде интернетот.

Таа годинава ќе биде „втор дом“ за илјадници студенти од основното и средното образование, наспроти учениците од 600 училишта и најмалите од прво до трето одделение кои наставата ќе ја следат со физичко присуство.

Ученици во повеќе градови ја бојкотираа онлајн наставата на првиот училишен ден