И постар компјутер ќе заврши работа при користење на онлајн платформата за учење – предизвик ќе биде интернетот

Било кој компјутер што е купен во последниве 4-5 години и повеќе, треба да ги задоволи потребите на учениците и наставниците за користење на новата Национална платформа за онлајн учење, уверува професорот Боро Јакимовски од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје.

Платформата, како што беше најавено, ќе овозможува видео и аудио врска на наставниците и учениците, а преку неа ќе има можност да се споделуваат материјали, мултимедијални содржини, да се прават брзи квизови и тестирања на учениците. Таа е резултат на соработката на Министерството за образование и ФИНКИ, со поддршка на МАСИТ.

Според Јакимовски, најголеми ресурси ќе бара софтверот за видеоконференција, додека за останатиот дел од платформата каде што се домашните и задачите, потребно е да се има само прелистувач и перформансите се минимални.

Професорот Јакимовски посочи дека на учениците и наставниците ќе им биде потребен компјутер со двојадрен процесор и минимум 1,6 гигахерци брзина, со најмалку 2 гигабајти внатрешна меморија. Но, доколку се купува нов компјутер, препорачливо е тоа да биде со 4 гигабајти меморија.

Од оперативните системи, препорачлив е „Виндоус 8.1“, иако според Јакимовски, платформата би работела и на постари верзии, но советува претходно да се тестираат за потенцијални проблеми. Платформата работи и на ‘Линукс’ и ‘МекОС’, додаде тој.

„Со последната надградба на „Мајкрософт тимс“, доста ги намалија потребните интернет капацитети за да функционира без никаков проблем, дури и до пола мегабит е доволно за видео врска, а ако е само аудио е уште помалку“, образложи Јакимовски.

Сепак, интернетот ќе биде најголем предизвик, забележува тој.

Како што појаснува, интернет пакетите вообичаено имаат предвиден месечен капацитет на пренесување податоци, ранг до одредени гигабајти.

„Тоа може да биде потрошено, бидејќи ако 4-5 часа сте поврзани, исто како кога гледате Јутјуб видеа и се троши брзо интернет капацитетот. Најголемиот предизвик е количината на податоци што ќе се пренесуваат“, смета тој.

За ова, вели Јакимовски, се размислува и работат на тоа делот што би се потрошил за „Мајкрософт“ да биде бесплатен, но за тоа потребна е и поддршка од интернет операторите. За возврат, тие им помагаат така што се обидуваат да го донесат „Мајкрософт“ да има своја точка на пристап и во Северна Македонија. На тој начин, вели Јакимовски, и тие не би имале трошок.

Дизајнот на платформата ќе биде достапен и во мобилна верзија преку паметни телефони, но корисниците со постарии верзии може да имаат одредени проблеми.

„Самата платформа каде што ќе бидат сите материјали, распоредот и другата комуникација што ќе биде во пишан облик, ќе се работи во стандарден прелистувач и дизајнот е респонзивен, така што е прилагоден и за мобилни уреди, а ‘Мајкрософт тимс’ функционира на смартфони и на таблети“, вели Јакимовски.

Тој потсети на препораките до родителите од страна на МОН, во кои се наведува дека следењето на наставата од мобилен уред и таблет овозможува присуство на наставата, но за изработување на домашните задачи, посоодвентно е да се има компјутер.

Сепак, реакциите во јавноста се дека во семејство со повеќе ученици, не секој може да си дозволи да има повеќе од еден компјутер или лаптоп кој ќе биде целосно достапен.

И според Борче Стаменов, кој пред повеќе од 3 години ја започна хуманитарната акција „Донирај компјутер“ интернет пристапот би можел да биде предизвик во иднина.

„Колку што знам овие апликации трошат доста интернет и кај тие со послаб проток можно е да се јават проблеми. Сепак, најголем проблем ќе има кај учениците кои немаат никаква опрема за онлајн учење и ќе бидат приморани да посетуваат настава. Но, се надевам дека и таму ќе се запазуваат препорачаните мерки за да цела таа ситуација ‘не ни експлодира во лице“, забележува тој.

Стаменов вели дека компјутерите кои тој ги средува и донира се со добри карактеристики и корисниците не би требало да имаат никакви проблеми.

„Морам да напоменам дека и последниве донации, како и поголем број од постарите веќе се инсталирани со лиценцирана верзија на оперативен систем. Онаму каде има можност ги надоградувам со понова верзија“, вели тој.

На социјалните мрежи се споделува извадок од допис испратен од МОН до училиштата на кој според Јакимовски се набројани препорачаните перформанси за уреди во случај да се купуваат наново. Па така, доколку се зема целосно нов компјутер, минимум се препорачува да е од седма генерација, со И3 процесор, 4 гига внатрешна меморија и хард диск од 128 гига ССД. Оперативниот систем, пак, да е 10 или 8.1 во 32 или 64-битна верзија.