Ученици во повеќе градови ја бојкотираа онлајн наставата на првиот училишен ден

Во повеќе македонски градови денеска наместо на првиот школски час учениците се одлучија да одржат протести и бојкот на онлајн наставата, со барања во нивните училишта да се овозможи учење со физичко присуство.

Струшките средношколци од двете средни училишта Нико Нестор и Ибраим Темо со протестен марш до општинската зграда побараа да се вратат во училишните клупи бидејќи се против изведување на онлајн настава. Тие најавија дека ќе продолжат да ја бојкотираат онлајн наставата, како и дека ќе одржуваат протести и следните денови.

Дел од тетовските средношколци, од повеќе средни училишта, ја бојкотираа онлајн наставата и се собраа пред гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово. Тие сакаат да следат настава со физичко присуство, а предупредија и дека во наредните денови нема да учествуваат на наставата преку интернет.

Слична ситуација беше и со гимназијалците од Дебар, кои од претходно бараа настава со физичко присуство, затоа што сметаат дека нивното училиште ги исполнува условите за одржување настава. Тие за утре најавија протест.

„Сите професори точно на време беа во кабинетите подготвени за почеток на онлајн наставата. Ги вклучија компјутерите, но за жал од другата страна не се вклучи ниту еден ученик. Дополнително на тоа, нам, како управа, ни најавија дека утре заедно со нивните родители ќе протестираат пред гимназијата“, изјавил за МИА, директорот на Средното општинско училиште „28 ноември“ Рамадан Имери.

Во Македонска Каменица поголем број родители од дворот на Оновното училиште „Св. Кирил и Методиј“ изразија револт од онлајн наставата за нивните деца, додека бојкот на првиот училишен ден имало и во ОУ „Св. Климент Охридски“ во село Миравци, каде родителите биле револтирани затоа што наставата со физичко присуство во училиштето е дозволена само за децата до петто одделение, а не и за оние од шесто до деветто одделение.