Писателката и сценаристка Дора Шустиќ на книжевна резиденција во Скопје

Во рамки на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“, на книжевна резиденција во Скопје во првата половина од април престојува Дора Шустиќ.

„На двонеделната книжевна резиденција во Скопје, Дора Шустиќ ќе работи на својот втор роман. Бидејќи во овој момент нејзиниот интерес е насочен на кореспонденцијата и како тема и како книжевна форма, во текот на својот престој ќе истражува разни епистоларни текстови.“ – велат од издавачката куќа „Готен“. 

Дора Шустиќ (1991, Риека) е писателка и сценаристка. Дипломирала политички науки во Љубљана и сценаристика на ФАМУ во Прага. Живеела во Истанбул, Берлин, Љубљана и Загреб, каде што моментно работи како сценаристка и развива свои филмски и книжевни проекти. Објавува кратки раскази, песни, новинарски текстови и есеи на хрватски, словенечки и англиски јазик. Нејзиниот дебитантски роман „Пци“, објавен во 2023 година, беше финалист за најзначајната награда за роман во Хрватска, наградата „т-портал“, а ја доби книжевната награда „Драго Герваис“.