ПИНА: Повик за волонтери и учество во работилници на ИФФС

Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА како дел од своите активности го организира првиот Истражувачки филмски фестивал Скопје / Investigative Film Festival Skopje од 3 до 5 ноември во кино „Култура“ во Скопје. За настанот е објавен повик за волонтери и за учество во работилниците на ИФФС.

Повик за волонтери

Волонтерите ќе имаат можност директно да се вклучат во редовните активности на организацијата со што ќе се стекнат со организациски вештини и ќе ги надградат своите знаења преку присуство на работилници, дискусии и настани со врвни професионалци – истражувачки новинари и режисери.

Некои од основните обврски на секој волонтер ќе бидат:
• Логистика за настаните во времетраењето на фестивалот
• Контактирање и известување на соработници на организацијата
• Спроведување на гостите до местото на одржување на настаните и нивно асистирање
• Распределба и грижа за промотивни материјали (постери, флаери, програма, каталози)
• Можност за учество на работилниците во рамките на фестивалот

Други обврски кои може да ги извршува волонтерот во зависност од неговите квалификации се:

• Одржување профили на социјални медиуми
• Пишување кратки вести
• Снимање видеа

Покрај наведените обврски волонтерот ќе има и други задачи во зависност од текот на настаните. Заинтересираните кандидати треба да волонтираат 3 до 5 дена (од 2 до 6 ноември) со работно време од 5 часа во денот. Дел од волонтерите ќе бидат ангажирани и во периодот меѓу 30 октомври до 6 ноември. Во периодот на волонтирање, ПИНА во соработка со партнерската „Фондација Фридрих Еберт – канцеларија Скопје“ ќе ги покрива трошоците за превоз и храна на волонтерот. Сите заинтересирани може да се пријават на info@pina.mk.

Повик за учество во работилниците на фестивалот

Програмата на фестивалот ќе биде поделена во два сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати, работилници и говорници од Македонија, регионот, Европа и САД кои ќе се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите.

Ќе  се одржат четири работилници, наменети за млади истражувачи, новинари, филмаџии, љубители на документарните истражувачки филмови кои ќе имаат можност да ги надградат своите знаења и да учат од врвни професионалци – истражувачки новинари и режисери. Работен јазик за работилниците англиски, а обуките се бесплатни.

Сите заинтересирани може да се пријават на info@pina.mk, најдоцна до среда, 1, ноември.

4. 11. | 15:00 | Кино „Култура“

Crowdfunding финансирање за истражувачки филмови

Работилницата открива конкретни и докажани упатства за тоа како да станете газда. Следејќи ги упатствата ќе станете исклучително моќни во светот на политиката, економијата и медиумите. Доколку учесниците не ги совладаат основите за тоа како да станат газди, ќе добијат дополнителни лекции за реализирање успешна crowdfunding кампања за финансирање филмски или истражувачки проекти. Работилницата ќе ја водат Дарио Јуричан (режисер и продуцент) и Саша Папарела (новинар) од Хрватскиот центар за истражувачко новинарство и слобода на медиумите (ХРЦИН). 

4. 11. | 11:30 | Кино „Култура“

Новинарки кои известуваат од зони со висок ризик

Едночасовна работилница проследена со сесија на прашања и одговори на тема „Новинарки кои известуваат за зони со висок ризик“ со наградуваната фриленс дописничка од воени зони Барбара Скјавули, која има известувано од Ирак, Авганистан, Израел, Палестина, Пакистан, Јемен и Судан.

Работилницата е наменета за новинари и студенти по новинарство.

5. 11. | 11:00 | Кино „Култура“

Изработка на документарен филм со паметен телефон

Едночасовна работилница за производство на документарен филм со паметен телефон. Во рамките на оваа сесија чекор по чекор, режисерот Роб Монтгомери ќе ве однесе зад сцената и зад леќата за да видиме како точно се планира, продуцира, снима и уредува долгометражен документарен филм. Монтгомери ќе покаже како тој сам продуцирал квалитетен филм за прикажување во Берлин без екипа, без сценарио, без буџет и без автомобил.

Наменето за новинари, филмаџии, професори, музичари, уметници.

5. 11. | 12:30 | Кино „Култура“

Предизвиците и важноста на слободното фриленс истражувачко новинарство

Едночасовна работилница проследена со сесија за прашања и одговори на тема „Предизвиците и важноста на слободното фриленс новинарство со британскиот новинар Крег Шо, специјализиран за политичка и корпоративна корупција, човекови права и организиран криминал.

Оваа сесија е наменета за фриленс новинари, студенти и едукатори за новинарство.