ПичПрич во сабота во Куршумли ан со тема „Љубовни писма“

ПичПрич, иницијатива за промовирање на женската усна историја, во сабота (2 октомври) со почеток од 20 часот во дворот на „Куршумли ан“ ќе ја има својата традиционална гала вечер, каде ќе се раскажува за еден од најстарите и најтрадиционалните начини на додворување – љубовните писма.

Овогодишната тема на ПичПрич галата ќе го стави во фокус овој вид на комуникација, како и формите што ги добива низ дигиталната ера.

„Низ оваа призма ќе го разгледаме прашањето за согласноста, како и начинот на кој односите на моќ и доминација се провлекуваат низ ваквиот тип на изразување љубов во писмена форма. Од несмасни и скромно срочени реченички, до претенциозни висини на поетскиот израз, љубовните писма се насекаде и вешто се трансформираат и на интернет. Дали ова значи дека содржински се менуваат или едноставно се дигитализираат ќе слушнеме од нашите раскажувачки“, стои во најавата за настанот.

Раскажувачките ќе споделат приказни за највпечатливи љубовни писма коишто ги добиле или пак некому ги напишале. Настанот ќе го модерираат Румена Бужаровска и Ана Василева, а приказните ќе ги раскажуваат: филмската критичарка и новинарка Марина Костова, топ моделот Катарина Ивановска, новинарките Сашка Цветковска и Ивана Смилевска, колумнистка на феминистички текстови Елена Гаговска и Маја Казакова – радио водителка.

Организаторите потенцираат дека ПичПрич ќе ги следи сите актуелни мерки за здравствена заштита и според тоа ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан ковид во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за сите лица над 18-годишна возраст. Влезот на настанот е бесплатен, но бројот на места ќе биде ограничен и нема да може да се резервира однапред.

„По настанот се упатуваме кон Ла Кања во Стара скопска чаршија, да се освежиме со диџеј сетот на Мартина Пенева“, се вели во најавата.

Овој настан се реализира во соработка помеѓу ПичПрич и Тиииит! Инк. и со поддршка од Фондацијата Квина тил Квина.