Изложба, разговори и филмски програма го одбележаа четвртиот ден на „МакеДокс“

Пладневно матине, на кое официјално беше отворена изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ, вчера се случи на почетокот на четвртиот ден на 13. „МакеДокс“ во Куршумли-ан.

Доријан Миловановиќ е дипломиран филмски монтажер и, како што самиот вели, при фотографирањето секогаш размислува монтажно, спојувајќи луѓе, моменти и доживувања. Затоа насловот на неговата прва самостојна фотоизложба е „Спојка“.

„Оваа изложба има за цел да презентира еден поширок документарен пристап при кој фотографиите се спојуваат на еден директен начин преку симболиката на правецот, броевите, контрастите… Исто како и во документарните филмови што ги прикажуваме на „МакеДокс“, истакнува Миловановиќ.

Со фотографирањето како страст и хоби Доријан се занимава веќе 15 години, а 13 години е дел и од креативниот тим на „МакеДокс“.

„За нас како ‘МакеДокс’ – фестивал на креативен документарен филм, изложбата на Доријан е голема радост и надеж дека ќе нѐ спојуваат заедно уште многу години креативна работа, која ќе биде инспирација за неговите идни изложби и за откривање нови светови“, истакна Петрула Вељановска, од програмскиот тим на „МакеДокс“.

Вечерната филмска програма на четвртата вечер на 13. „МакеДокс“ продолжи со паралелни проекции во Куршумли-ан и на платото пред Музеј на РСМ. Во програмата се проекциите беа четири краткометражни („Арктички утопии“, „Живот“, „Чичко ми Тудор“ и „Џемана“) и четири долгометражни документарни филмови („Кучешка љубов“, „Територијата“, „Затемнување“ и „Деца на маглата“).

Секое попладне до крајот на фестивалот во 18 часот се одржуваат „Разговорите под смоквата“ во Куршумли-ан, на кои авторите на филмовите ги разменуваат своите лични искуства во снимањето на филмовите.

Во рамките на индустрискиот дел на „МакеДокс“ од 22 до 24 август (понеделник до среда) во МКЦ ќе се одржи четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот. Главна цел на форумот е развој на стратешки план за зголемување на копродукциите на документарните филмови меѓу балканските земји. Форумот вклучува претставници од 12 регионални филмски агенции и центри, документарни здруженија, документарни професионалци и 11 проекти во различни фази на продукција избрани преку отворен повик.

Првиот ден на форумот, на 22 август (денеска) ќе почне со затворена сесија на Балканската документарна мрежа, а потоа ќе следуваат јавни презентации на Балканските филмски центри, презентација на МЕДИА Деск МК од страна на Ивана Мирчевска, како и презентација на шест проекти во развој од работилницата со Туе Стен Милер.

Билети за „МакеДокс“ можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk).

На следниот линк можете да се погледне видеохрониката од вториот ден на 13. „МакеДокс“: