Петиција: Никола Тодоров да се напие чаша вода од Дојранско езеро

Водата во Дојранско Езеро е целосно исправна за капење и не предизвикува опасност по здравјето на луѓето, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров, што е спротивно од ставот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје.

Како реакција на изјавата на Тодоров, е покрената онлајн петиција со која се бара тој да се напие чаша вода од Дојранското езеро.

„Бидејќи делата се погласни од зборовите, бараме министерот да стави крај на дилемите на граѓаните и со свечено пиење чаша вода од Дојранското езеро да ни покаже дека ова лето безгрижно може да лудуваме во исправните води на дотичното езеро.

П.С. Ако не сака чаша вода, прифатливо е и повеќеминутно гњурење“, се вели во онлајн петицијата.

Претходно, Институтот соопшти дека Дојранското езеро е загадено и издаде забрана за капење на четири плажи, а од Инспекторатот, пак, велат дека водата во езерото е од трет степен и е небезбедна за капење.