Групите „Крпен Живот“, „Последен удар“, „Station : Innermost“, „Eruption“ и „Conspiracy“ се најавени на претстојниот „Рудар-рок фест“ кој на 26 август (петок) од 18:30 часот ќе се одржи во Дом на култура „Злетовски рудар“ во Пробиштип.
Со оглед на препознатливоста на овој град преку рударството, велат организаторите, хард-рок музиката е културен и уметнички израз преку кој на најавтентичен начин може да олицетвори оваа тешка дејност. Посочуваат дека рударската професија ја карактеризира јаката човечка волја која доаѓа во костец со карпестото сивило.
„Во тој напор на рударот и во таа спрега со тоа сивило се претопуваат вредните метал-и и не-метал-и. Строгоста, тежината и сериозноста на оваа дејност создава длабока и силна човечка егзистенција. Рударот е опкружен со тврдите и високи тонови произведени од железните машини и тешките алати кои му се придружник во рудниците. Звуците создадени од судирот помеѓу чудовишните машини како движењето на лифтот, пискотниците на вагоните низ шините, бушењето на бургиите во карпата, наоѓаат свој креативен израз во соло изведбите на гитарата. Ударите на чеканот, протокот на рудата низ шутовите, бучноста од движењето на скреперите, сето ова произведува ритмови за бас. Татнежите од експлозиите и грмливиот пад на рудата се предмет за обработка на звук за тапани. ДА, тврдиот рок е најдобар начин, уметнички, да се изрази атмосферата на рударската професија. Затоа нѝ е потребен ‘Рудар-рок фест’“, се вели во најавата за фестивалот.