Папата Франциск изјави дека Католичката црква е отворена за сите, вклучително и за ЛГБТ заедницата и дека е должна да им помага во духовните работи, но во рамките на нејзините правила, пренесува Данас.
Во разговор со новинарите во авионот со кој се враќаше во Рим по една недела престој во Португалија, папата Франциск рече дека иако црквата е отворена за секого, постојат закони и правила кои го регулираат животот внатре во црквата, јавува Ројтерс.
На прашањето дали е недоследно тоа што одредени верници, како жените и хомосексуалците, немаат исти права и не можат да примат одредени сакраменти, папата одговори дека според црковните правила не можат да учествуваат во одредени сакраменти, но дека тоа не значи дека црквата е затворена за било кого.
„Секој го среќава Бог на свој начин во црквата. Црквените лица мора да се грижат за сите, дури и за оние кои не ги почитуваат правилата, со трпение и мајчинска љубов“, рече Папата Франциск.
Новинската агенција Ројтерс пак, потсетува дека ставот на црквата е дека жените не можат да станат свештеници бидејќи Исус ги избрал само мажите за свои апостоли и дека црквата не дозволува истополови бракови, но дека папата Франциск го поддржува граѓанското право кое на истополовите парови им дозволува исти права како што се, пензиите, здравственото осигурување и правото на наследство.