Пад на туризмот во Јапонија за првпат по четири години

Во јануари бројот на странски туристи што го посетуваат Јапонија опадна за првпат по четири години. Според најновите податоци, во споредба со истиот период лани е забележан пад од 4,9 отсто. Главната причина е намалениот број туристи од Кина, поврзан со растечките политички тензии меѓу двете земји, пишува Ројтерс.

Јапонската национална туристичка организација (JNTO) соопшти дека во јануари земјата ја посетиле 3,6 милиони луѓе – прв пад од јануари 2022 година. Од ноември властите во Пекинг ги повикуваат граѓаните да избегнуваат патувања во Јапонија, откако јапонската премиерка Санае Такаичи предупреди дека евентуален напад на Кина врз Тајван би претставувал закана за Јапонија и може да предизвика воена реакција.

Според Ројтерс, на падот влијаела и промената на терминот на Лунарната Нова година, која годинава се славеше во средината на февруари наместо кон крајот на јануари.

Во јануари најмногу туристи пристигнале од Јужна Кореја – 1,18 милиони, што е раст од 22 отсто и месечен рекорд. Зголемување има и од Тајланд, Индонезија и Тајван (раст од 17 отсто, 694.500 посетители), како и од САД (207.800, раст од 14 отсто). Спротивно на тоа, бројот на посетители од Хонгконг се намалил за 18 отсто, на 200.000.

Во 2024 година Јапонија ја посетиле рекордни 36 милиони туристи, најчесто избирајќи ја „златната рута“ – Токио, Кјото и Осака, што доведе до метеж, загадување и воведување дополнителни мерки.

Извор: Freepik