Шпански активисти поставуваат лажни знаци на плажите во Мајорка за да ги избркаат странските туристи

Група активисти поставуваат лажни предупредувачки знаци на плажите низ Мајорка во Шпанија со цел да ги одвратат странските туристи.

На дел од знаците стојат пораки како „опасни медузи“, „опасност од одрони“ или пак дека морето е загадено. Други знаци пак лажно известуваат дека плажите се затворени со симбол дека е забрането пливање или пак дека е потребно да се пешачи со часови до океанот, иако тој се наоѓа на само 100-тина метри од знакот.

Додека овие известувања се напишани на англиски јазик, сепак подолу со поситни букви на каталонски јазик е напишано дека овие предупредувања се лажни и дека проблемите не се медузите или одроните туку масовниот туризам.

Зад оваа акција стои анти-капиталистичката организација „Катерва“, чие седиште е градот Манакор. Нејзините членови се критични за преполните плажи на островот и бараат да се реши проблемот со масовниот туризам во Мајорка.

Во објава на социјалните мрежи, активистите велат дека оваа нивна кампања е исполнета со хумор.

Во изјава за локалните медиуми, од „Катерва“ велат дека виновниците за ваквата состојба се „хотелиерите и Рафаел Надалите“, кои имаат подеднаква одговорност како и балеарските власти. Групата и претходно го има критикувано најславниот шпански тениски играч поради тоа што има ресторан и туристички бизнис на островот.

И покрај тврдењата дека туризмот создава работни места и приходи за локалното население, од „Катерва“ велат дека оние што профитираат се луѓето кои веќе имаат пари.

Дебатата за прекумерниот туризам падна во втор план откако бројот на туристи нагло опадна за време на пандемијата со КОВИД-19, сепак откако бројот на посетители се врати на пред-пандемиските нивоа, Балеарските Острови повторно се соочуваат со проблеми на масовниот туризам.

Минатата година повеќе од 16 милиони туристи ги посетиле Балеарите. Лани, само во август, во Мајорка имало повеќе од милион туристи што е повеќе од целата популација на островот. Локалните статистики проценуваат дека бројот на туристи ќе биде уште повисок оваа година.

Масовниот туризам покрај што ги преполнува плажите во летната сезона со себе носи и безброј забави и бучава од туристите што го нарушува секојдневието на локалното население.

Властите на Балеарите неуспешно се обидуваа да го контролираат овој проблем со построги правила и регулативи. Меѓу донесените прописи се забрана за пушење на 28 различни плажи низ островот, лимит на бројот на алкохолни пијалаци кои можат да се купат и правила за облекување за рестораните и ресортите.