ОУ „Гоце Делчев“ ќе добие мурал од египетски мршојадец

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – „Локомотива“ ќе учествува во кампањата „Вашите птици, нашите птици“ во Марсеј, која обединува 10 организации во културата и уметноста од 10 европски земји кои ќе креираат мурал и програма преку кои ќе ја подигнат видливоста за одредена ретка птица во регионот во кој делуваат.

Муралите во рамки на кампањата ќе бидат претставени онлајн во септември годинава, но и на локациите каде што се изведени.

На македонскиот мурал е претставена ретката птица египетски мршојадец, што се гнезди во централните делови на земјава, нацртан од Доротеј Нешовски.

Муралот ќе биде претставен во основното училиште „Гоце Делчев“ во Скопје, а во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД) и нивниот претставник Ненад Петровски ќе се реализираат и едукативни активности.

Муралот од египетскиот мршојадец е остварено преку соработка на Локомотива, МЕД, Доротеј Нешовски, ОУ „Гоце Делчев“, Скопје и општината Центар.

„Со оглед дека египетскиот мршојадец е единствениот преселен вид мршојадец во Европа како и една од најзагрозените птици на Балканот со интересна приказна за неговата преселба, Ненад Петровски ќе направи предавање за 9то одделение и едно помало претставување за другите ученици од училиштето, по што ќе следи работилница за мурално сликарство, како и работилница на изработување на маски од птици. Учениците ќе продолжат со Доротеј Нешоски да креираат цртежи посветени на биодиверзитетот и ретките птици, на ѕидот на спортската сала од училиштето“, истакнуваат од Локомотива.

Оттаму додаваат дека ваквите активности ќе го одбележат Светскиот ден на птиците преселници, 14 мај.

Од Иницијативата нагласуваат дека активностите се спроведуваат и во синергија со проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец“ кој се спроведува во 14 држави од Балканот, Блискиот Исток и Африка, што претставува еден од најамбициозните проекти за заштита на мршојадци во светот, а како локален партнер се јавува Македонското еколошко друштво.