„Локомотива“ отвора повик за учесници на онлајн меѓународната летна школа „Курирање во контекст“

Центарот за нови иницијативи за уметност и култура -„Локомотива“ го започнува отворениот повик за Меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ која оваа година ќе се одржи онлајн, а ќе трае од 29 август до 4 септември.

Од „Локомотива“ информираат дека меѓународната летна школа „Курирање во контекст“ ќе понуди критичка рефлексија за различните социо-политички и економски контексти, како и можност да се развијат кураторски методи за реобмислување на практиките на современите (изведувачки) уметности во врска со активизмот, самоорганизацијата и критичкото размислување.

„Тематски, школата „Курирање во контекст“ е поврзана со прашањето за кураторското и неговото проширено сфаќање кое ги надминува политиките на репрезентација и презентацијата во црни или бели кутии. Школата ја анализира средината во која се произведува и шири уметноста и се фокусира на создавање знаење и можности за практичари кои сакаат да ја продолжат својата кариера како куратори во полето на изведувачките уметности и интердисциплинарноста“, велат од Центарот.

Оттаму дополнително објаснуваат дека школата критички се осврнува на перспективите на производство, застапување, иницирање разни модели на презентирање и артикулирање на уметноста во одреден контекст, при што ќе се одвива низ три модули.

  • Летна школа од 29 август до 4 септември
  • Процес на менторство и развој на проекти, текстови или идеи за кураторски проект: октомври – декември 2021 година
  • Уредување и објавување на сработените проекти, текстови или идеи за кураторски проект на веб страницата како е-публикација што ќе биде самоорганизирана од групата (2022 година).

„Курирање во контекст“ започна како активност во рамките на проектот Курирање во контекст на Еразмус+ и партнерите „Танцфабрик“ Берлин, Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот на Загреб.
Оваа година, летната школа е организирана во соработка со проектот „БрејнСтор“ од Бугарија и други партнери од мрежата „Лајф Лонг Брнинг“. Ко-куратори на школата се Билјана Тануровска-Ќулавковски и Славчо Димитров“, нагласуваат од „Локомотива“.

„Летната школа е наменета за практичари кои би сакале да ја продолжат својата кариера како куратори во современите изведувачки уметности или преку интердисциплинарен пристап, кои би сакале критички да се осврнат кон политиките на репрезентација и да развијат кураторски методи поврзани со практики на активизам, самоорганизација и критичка рефлексија“, истакнуваат оттаму.

Во овогодишното издание на школата ќе се вклучат и 15 меѓународни учесници кои треба да го посветат своето време и присуство на сите модули. Школарината е 500 евра за три модули, кои можат да бидат покриени со достапни стипендии за 10 студенти.  Крајниот рок за пријавување е 10 јули, 2021 година, на contact@lokomotiva.org.mk.

За пријавување потребни се
• Лична биографија (CV)
• Апстракт (за предлог за кураторски проект или труд/текст)
• Мотивациско писмо

„Курирање во контекст“ ќе даде увид во разни релевантни и нови теми во врска со современите (изведувачки) уметности и кураторскиот пристап, како и практични методи за развивање на проект, текст и програма. Курсот ќе овозможи колаборативна средина, ќе го подобри начинот на самоорганизирано работење и рецензии на анализи, менторство и други пристапи што ќе обезбедат флуидност на знаење и продукција на знаење преку процес на размена“, објаснуваат од „Локомотива“, додавајќи дека програмата  вклучува предавања, семинари, разговори со уметници и куратори, дискусии и интервјуа, како и продукција на кураторски дела и ко-кураторски публикации.

Првиот модул оваа година ќе биде во врска со
• Семинар за кураторското како партиципативно;
• Работилница за курирање на настани во живо како места за конструкција на општествени промени
• Предавања за локални политики, институционални и слободни кураторски пристапи
• Предавања за различни кураторски методи поврзани со прашања во јавната политика и перформансот (феминизам, екологија, квир, раса), како и институциите и перформансот
• Критички пристап кон продукција и презентација
• Разговори со уметници и куратори (од Европа и пошироко)