Отворени сме да разговараме за декриминализација и депенализација на канабисот, изјави портпаролот на Владата

Отворени сме во секој момент да разговараме суштински за решение за декриминализација и депенализација (н.з. на канабисот) преку измени во кривичниот законик и законот за прекршоци, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Арсовски посочи дека е потребно да има и широка стручна дебата во која ќе бидат вклучени сите, односно, засегнатите страни, институциите, граѓанските здруженија, како и медицинската фела.

„Треба да се видат ефектите од користењето, понатаму, системот за контролирање, како ќе се контролира, изведе, ова е процес во кој е неопходен ставот на сите. Предложено од Владата е донесување на измени и дополнување на законот за опојни дроги. Ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели со кои ќе се поттикнат нови инвестиции, развој, и нови работни места. Во овој момент, одгледувањето на канабис е дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис, издадено од Министерството за здравство, а по претходна добиена согласност од Владата. Министерството досега има издадено 55 одобренија на фирми за  одгледување канабис за медицински цели, додека 17 имаат поднесено барање кои се на повторен увид во владина процедура“, рече Арсовски.

Прашањето за декриминализацијата на канабисот повторно се отвори, откако претходно во неколку наврати месецов премиерот Зоран Заев најави дебата за оваа тема.

Но, во меѓувреме, прашањето на „маса“ беше поставено и од новата иницијатива наречена „Операција Ослободување“, во која соработуваат неколку организации. Тие, меѓудругото, бараат итна декриминализација на поседувањето и личната употреба на канабисот, како и декриминализација за огледување на растенија за лична употреба.

Здружени организации тргнаа во „Операција ослободување“ на канабисот