Здружени организации тргнаа во „Операција ослободување“ на канабисот

Итна декриминализација на поседување и лична употреба на канабис. Итна декриминализација на одгледување на растенија за лична употреба. Да се овозможи основање и работење на социјални клубови. Да се зголеми бројот на здравствени состојби за кои може да се користат препарати од канабис, согласно медицината базирана на докази, бидејќи низ светот се третираат десетици болести и состојба, а кај нас законот ги тангира само лицата со канцер, мултиплекс склероза, епилепсија и ХИВ.

Ова се дел од барањата на иницијативата „Операција Ослободување“, која денеска одржа прес-конференција под маски во кафе „Излет“.

Здружени организации како Зелена Алтернатива, Коалиција Маргини, ЗНАМ, МакКанабис, ХОПС и Хелсиншки комитет, но и повеќе поддржувачи-потписници на документот на иницијативата, до надлежните институции упатија и барање да се дозволи лекари освен од јавното и од приватното здравство да препишуваат препарати од канабис.

Пациентот, кој добил препорака за лекување со препарати од канабис, да може сам да си одгледа и користи во форма која најмногу му одговара на состојбата, дали е тоа орално, инхалација или преку супозитории.

Понатаму, „Операција ослободување“ бара во Агенцијата за канабис да има независно тело-комисија составено од претставници на граѓанскиот сектор. Исто така, да се предвиди во Законот за контрола на опојни дроги – формирање на Фонд од давачките кои правници лица што произведуваат и тргуваат со канабис ќе ги плаќаат согласно овој закон – да се прецизира процент од средствата од фондот наменет за програми за маргинализирани групи и лекување на разни болести.

„Барањата се, со еден збор, да нема повеќе лечење на деца со СМС пораки (како што досега се бара од активистите да помагаат на разни семејства за третман со канабис н.з.), рече активистот Филип Достовски од „Зелена алтернатива“.

Тој потсети дека долго време трае борбата за декриминализација и регулирање на канабисот во Македонија. Во 2016 година за прв пат имаше законски измени, при што се дозволи канабис за медицинска употреба.

„Проблемот е што веќе четири години законот не е мрднат од место. Проблеми имаат и производителите на канабис, пациентите и корисниците. Околните држави, но и низ светот напредуваат по ова прашање. Затоа се собравме да си ги кажеме барањата и да се чуе нашиот глас малку посериозно, затоа што канабисот како растение е стратешка цел на една држава. Не е само лек, може да се користи и во градежништво, во медицина, за бензин, храна, облека итн“, посочи Достовски.

Логото на „Операција ослободување“

Според Хајди Штерјова Симоновиќ од ХОПС, наместо да профитира црниот пазар, треба да профитира економијата во државата и бенефит да имаат граѓаните. Таа потенцира дека и СЗО има препораки до земјите членки повторно да ги разгледаат легислативите за декриминализација и за медицинската употреба. Оттука, ги повика да реагираат Министерството за здравство, Владата, но и Собранието преку можноста за амандмани од пратениците.

„Сега, како што се поставени работите, самата употреба не е регулирана како кривично дело. Односно, употребата на дроги, вклучително и канабис, во јавност претставува прекршок согласно Законот за прекршоци против јавен ред и мир. Меѓутоа, практичната примена на законите, на кривичниот законик, доведуваат личната употреба и поседувањето да биде криминализирано преку прогон, апсење и осудување на луѓе кои употребувале, без нивна намера за препродажба и тргување“, нагласи таа.

Потсети дека препаратите од канабис треба да бидат достапни за здравјето на граѓаните и да има соодветни концентрации на ТХЦ и ЦБД.

„Кај нас е ограничено и сведено на ниво на додаток во исхрана, а не на препарат кој значително ќе подобри или одржи здравствената состојба“, забележа Штерјова Симоновиќ.

Претставничката на Коалиција Маргини, Драгана Дрндаревска, забележа дека во Македонија се случува голема неправда. Од една страна, вели таа, има група на луѓе со доволно средства да произведува и прави профит, а друга група луѓе за истото да оди во затвор. Истовремено има полициска бруталност и прекршување на правата на младите во полициска постапка.

„Замислете, целиот кривично-правен систем се покренува за некоја минорна количина од 0,2 грама. За еден џоинт ќе се организира цела машинерија, МВР, понатаму судот, затворот, за да осуди дете што запалило цигара канабис! Од друга страна, канабисот се произведува. Ова е недозволиво, не е фер и не е праведно. Деца што употребуваат канабис за лична употреба да добијат кривични санкции, нивните животи да им се уништат, зошто? Затоа што пушеле џоинт?!“, запраша Дрндаревска.

Според неа, прохибиционистичките политики во светот не даваат ефект.

Како позитивни примери ги спомена Канада, Португалија, Холандија, Чешка.. каде со полиберални модели на регулацијата не се бележи дека луѓето одеднаш почнале со експанзија на канабисот.

„Напротив. Луѓето ќе употребуваат канабис без разлика на законот. Само, прашањето е ако имаме добра рамка, ако имаме декриминализирана ситуација, тоа ќе го прават на многу побезбеден начин, ќе знаат од кого купуваат, што купуваат… Нема да се ставаат во позиција да се криминализираат и да бидат жртви на кривично правниот систем“, нагласи Дрндаревска.

Костадин Дуковски од МакКанабис даде компарација со легислативата во Канада. Таму, вели тој, пред точно две години го регулираа правото за канабис за рекреативни цели и за потребите на граѓаните.

„Доколку гледам компаративно, не гледам дека (во Канада) има раст на криминалот. Од кривично-правен аспект – баш напротив, судовите не ги оптеретуваат граѓаните со предмети, како пример за апсење за 5-10 грама“, рече Дуковски.

Тој декриминализацијата ја окарактеризира како есенцијално важна, за да се ослободи земјата од своите стеги.

„Формирањето на Агенцијата за канабис е во Собраниска процедура. Агенцијата да си ја земе својата улога, како за носење на подзаконските акти, да се направи и градација во употребата, начин на употреба, кој може да одгледува и како тоа системски да го имплементираме во нашето законодавство“, потенцираше Дуковски.

Огнен Узуновски од Здружение ЗНАМ на кратко се осврна на „Операција ослободување“. Ова, вели тој, е движење кое преку барањата би прекинале секакви негативни полемики за канабисот. Да прекине етикетирањето на луѓето.

„Во нашите барања, пред се’, е опфатен народот и засегнатите страни кои долг период се борат на оваа тема. Со овие барања, сметаме дека ќе го подобриме општеството и земјава ќе има сериозни бенефити, ќе биде уникатна земја на Балканот и Европа“, нагласи Узуновски.

На новинарско прашање што ако надлежните не ги прифатат барањата, активистот Достовски рече дека така губи самата држава.

„Одговорно тврдам дека повеќето од луѓето кои ги носат законите веќе користат канабис. Многу е лицемерно од полицаец кој користи канабис да ме уапси за џоинт. Тоа се случува нон-стоп. Тоа мора да престане! Тоа е чисто ‘интегритет и морал’ на припадниците на МВР, но и другите луѓе во нашата држава. Познавам лекари што користат масло кај нив во фамилија, а на пациентите им кажуваат дека не чини и дека е дрога. Властодршците мора да знаат дека марихуана се користи ‘на ангро’ во Македонија. Можеме да стоиме со очи широко затворени, а може да го искористиме за бенефит на државата. Тоа е на нив да решат. Оваа декриминализација ќе значи дека нема веќе да живеам во страв“, нагласи Достовски.

Здружените организации рекоа дека се отворени за сугестии и совети, а кој сака може да излезе во пресрет и е добредојден да се приклучи кон иницијативата.

Бојан Шашевски