Отворена трајната поставка „Хероите на градот на Вардар“ во Скопје

Вчера беше отворена постојаната поставка „Хероите на градот на Вардар“, во целосно реновираната прва партизанска оружарница во Скопје во Меморијалниот музеј сместен на левиот брег на реката Вардар, на кеј „Димитар Влахов“, зад Археолошкиот музеј на Македонија.

Во услови на окупација и полициски режим, во непосредна близина на кејот и зградата на Митрополијата, на улица Пајкова број 2, формирана е првата илегална работилница во градот. Задачата околу формирањето и организирањето на работилницата им била доверена на Илија Јакимовски Илчо, Роберт Гајдик и Бранислав Шикиќ, а тие, задачата му ја довериле на електромеханичарот Серафим Видовски кој имал работилница во дворот на својата куќа. Оваа скромна работилница  прераснала  во јадро на создавање  на новата историја на градот и еден од симболите за отпорот на населението  против окупаторот и неговиот терор.

Оваа куќа и скромна работилница го дочекала ослободувањето на Македонија и опстојале сe до 1965 година,  но со  новиот урбанистички план и изградбата на Стопанската банка во комплексот на културните институции, куќата и работилницата биле урнати.  Овој објект во 1981 година  е пренаменет во Меморијалниот музеј на илегалните работилници за изработка на оружје во Скопје за време на НОВ (1941-1944), и како нем потсетник за хероите и борците коишто пожртвувано се бореле и вршеле диверзантски акции врз надмоќниот фашистички окупатор за да ја ослободат нашата  татковина.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов,  нагласи дека повторното отворање на Музејот симболично се случува на ден кога пред точно 75 години, по долго физичко измачување во „Обласната полициска управа во Скопје“ и без судски процес, убиени биле народните херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев.

„Во овие простории била сместена работилницата на Серафим Видовски и била опремена со најнеопходниот електро-механичарски рачен и статичен алат. За време  на окупацијата, тука е формирана првата илегална работилница за оружје во градот која работела од почетокот на август до 4 декември 1941 година. Во целосно зачуваната тајна работилница е сместена новата изменета и надополнета поставка,  со нови содржини кои ги пренесуваат фактите за едно историско време особено значајно за историјата на градот Скопје“, изјави Шилегов на отворањето на поставката.

Оваа илегална работилницата била мошне скромно опремена со зарѓани делови на оружје: револвери, пушки, шмајзери и сл., но во неа се изработувале и  боеви средства како конструкции на рачни бомби, пеколна машина, нагазни мини за железница и друго, коишто „громогласните“ херои ги користеле во своите диверзантски акции.

Со новата изменета и надополнета поставка, чиј автор е Зоја Богдановска, виш кустос историчар, и изложувањето на деведесетина зачувани музејски експонати, се будат сеќавањата за илегалната работилница што се користела за изработка на оружје за партизанските одреди со времето на Втората светска војна.