Отворањето државни градинки во секоја општина може да го намали родовиот јаз на пазарот на трудот [Инфографик]

Во една општина во која има барем една државна детска градинка згрижени се 27% од децата до шестгодишна возраст. Со ова вработени се 35% од работоспособните жени што го намалува јазот меѓу вработените мажи и жени на ниво на македонска општина, односно во местата каде има барем една градинка на секои 10 вработени мажи има 7 вработени жени. Бројот на домаќинки – работоспособни жени исклучени од пазарот на трудот во една општина е дупло помал доколку таму има јавна градинка, односно само 21% од работоспособните жени се домаќники, наспроти 40% од жените во општините каде нема државна градинка. 

До вакви заклучоци дошле истражувачките Васка Лешоска и Ана Бојчевска Митревска кои ги презентираат во истражувањето „Достапност на градинки и родова еднаквост на пазарот на трудот“.

„Во претходните истражувања на Реактор заклучивме дека иако грижата за домот и децата сè уште е главна причина за исклучување од пазарот на труд на работоспособните жени, достапноста на квалитетна рана грижа и едукација може да ги зголемат можностите за вработување на жените. Во светот постојат бројни истражувања кои покажуваат каузална поврзаност помеѓу пристапот до квалитетна и достапна рана грижа и образование и економско зајакнување на жените“, вели Ана Бојчевска Митревска за Радио МОФ.

За пресметките во истражувањето користеле административни податоци и податоци од пописот спроведен во 2021 година прибрани при изработка на Индексот на родова еднаквост во општините. Според пописот во 2021 година, над 17.000 деца до шест години живеат во општина каде нема отворено државна градинка. Станува збор за 21 општина со 421 населени места.

Во истражувањето стои дека најголем дел од работоспособните жени во Македонија не се пријавени ниту како вработени ниту како невработени, но се економски неактивни. Меѓу нив 41% се домаќники. Податоците даваат јасна слика дека бројот на домаќинки е поголем во местата каде нема јавни градинки. За споредба во Општина Центар во Скопје каде има 4 државни детски градинки стапката на невработени жени е само 3% и 0% невработени мажи. Слично е и со Општина Карпош, каде исто така има четири јавни градинки – има само 4% домаќинки.

„Иако на хартија имаме легислатива која поддржува еднакви можности за мажите и жените, сепак податоците со кои располагаме покажуваат една основна родова нееднаквост во позициите на моќ меѓу мажите и жените. Имено, повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се во работен однос, и значителен дел од нив всушност се водат како домаќинки. Категоријата ‘домаќинки’ е единствената категорија која во класификацијата на државниот завод за статистика постои исклучиво како феминатив – 100% од лицата во оваа категорија се жени“, вели Бојчевска Митревска.

Според податоците, со постоењето на државни градинки покрај тоа што се намалува стапката на невработени жени се смалува и нееднаквоста меѓу мажи и жени во активноста на пазарот на трудот.

Податоците укажуваат дека бројот на домаќинки во општини каде нема државни градинки е двојно поголем од местата каде има.

Бојчевска Митревска за Радио МОФ вели дека комбинацијата на општествените очекувања од жените да бидат примарни негуватели на децата и реалноста во која сè уште жените во просек заработуваат помалку од мажите води кон „логичното“ решение жената да остане дома и да се грижи за децата во средини во кои не постојат достапни форми на организирано згрижување.

„Поради недостатокот од сервиси за грижа на децата, решенијата кои се носат во рамки на семејството најчесто ја ограничуваат економската независност на жената. Трудот кој го вложува во одржување на домот и грижа за децата останува невидлив и неплатен, а жената која е економски зависна од партнерот е во поголем ризик од разни форми на насилство“, забележува таа.

Бојчевска Митревска смета дека идејата за отворање на државни градинки не мора да се одреди како единствено решение за да се намали родовиот јаз на пазарот на трудот, туку може да се размислува и за изнаоѓање на алтернативни решенија за грижа.

„Ова може да бидат разни форми на контролирано групно згрижување од страна на сертифицирани негуватели и негувателки во сопствените домови, промовирање на детски градинки во состав на правни лица за потребите на вработените, и слично. Несомнено, општините во кои нема детски градинки треба да бидат приоритизирани согласно потребите на локалното население“, посочува таа.

Дополнително, во истражувањето се наведува и дека се потребни дополнителни анализи кои достапноста на раната грижа и образование ќе ја разгледуваат и од аспект на квалитетот на програмата за рано учење и развој, и во поглед на цената на јавните услуги во контекст на структурата на месечната заработувачка на родителите.

„Ваквите анализи нужно треба да имаат интерсекциски пристап, за да се овозможи прекинување на кругот на сиромаштија за најмаргинализираните“, пишува во истражувањето.

Ангела Бошкоска