Отворање на изложбата „Уметници и бегалци“ на 2 април во Чифте амам

Центарот за современи уметности – Скопје, СБункер – Приштина и WIN-Мрежа за интеграција на жените – Букурешт на 2 април (вторник) од 19 часот во Националната галерија Чифте амам организираат изложба „Уметници и бегалци“.

„Изложбата е базирана на автентични сведочења раскажани од украински бегалци директно на уметниците вклучени  во оваа изложба за време на нивната посета на бегалските заедници во Романија на почетокот на март 2024“, соопштуваат од Центарот.

На изложбата со свои дела ќе се претстават Ѓорѓе Јовановиќ (С. Македонија), Маја Танева (С. Македонија), Озбек Ајваз (С. Македонија), Бутринт Паша (Косово), Диела Вала (Косово), Андин Бакија (Косово) и Серхи Тиекхов (Украина).

„Проектот „Уметници и бегалци“ има за цел да ги раскаже искуствата од војната и агресијата врз Украина на публиката во С. Македонија, Косово и поширокиот регион на Европа. Примарна цел на проектот е да ги поттикне бегалците да ги споделат своите приказни за агресија со светот, користејќи ја емоционалната моќ на уметноста и посветеноста на уметниците за да ги трансформираат овие приказни и сведоштва во уметнички дела. Изработените уметнички дела кои што се претставени создаваат отворена порта за гласовите на бегалците од Украина да се слушнат во другите делови на светот преку универзалниот јазик на уметноста, придонесувајќи на тој начин во борбата со лажните вести и наративи кои се однесуваат на агресијата врз Украина“, стои во најавата за изложбата.

Како што посочуваат организаторите, на почетокот на идејата за оваа изложба уметниците добиле тешка задача да ги трансформираат личните приказни на бегалците од Украина во уметнички дела користејќи ја емоционалната моќ на уметноста да ги шират автентичните наративи на украинските бегалци и на овој начин, велат тие, да придонесат за ширење на вистината за војната и агресијата.

„Уметничките дела на оваа изложба се претставени во различни медиуми. Од чисти скулпторски форми на Маја Танева и Андин Бакија, до мобилни скулптури кои создаваат уникатна инсталација на мобилите на Ѓорѓе Јовановиќ. Делото на Озбек Ајваз во вид на скулптурална инсталација изработена од метал бара интеракција со публиката за да се добие целосна слика за уметничкото дело. Косовските уметници Диела Вала и украинскиот уметник Серхи Тиехов решија да ги споделат своите ставови и изразување преку класичните медиуми на сликање користејќи различни техники и пристапи. Конечно, Бутринит Паша како изведувачки уметник и театарски режисер се обидува да ја вклучи публиката со својата монодрама создадена во стил на извонреден театар насловена како ‘Кој ја сака мојата земја’“, се вели во најавата за изложбата.