Ликовната изложба „Кобалт Синергија“ во петок во МКЦ

Во изложбениот простор Галерија МКЦ, во петок (23 февруари) во 20 часот ќе биде отворена ликовна изложба со наслов „Кобалт Синергија“.

На изложбата ќе бидат претставени 25 ликовни дела од ликовниот уметник Венко Цветков, ќе има проекција на видео ролна и два видео арт остварувања на учесникот во проектот Симон Гегај. Во содржината на видео ролните се и концептциските обзервации, во вид на записи на третиот учесник во проектот г-ѓа Корнелија Буклеска.

„Ова е приказна за кобалтот (како елемент и како боја) како и она за синергијата, па така и оваа нивна заедничка, е вечната вистина за животот кој не опстојува во праволиниско течение“, вели уредничката на Редакцијата за култура и уметност на Радио Скопје, Корнелија Буклеска.

За изложените ликовни дела критички осврт ќе има проф. Владимир Величковски.

Корнелија Буклеска, родена 1961 година во Скопје, дипломирала на катедрата за интердисциплинарни студии по журналистика при УКИМ. Уредник е во Редакцијата за култура и уметност на Радио Скопје.

Венко Цветков, роден 1955 година во Штип, академија за ликовни уметности завршил во Љубљана 1984 година. Живее и работи во Скопје.

Симон Гегај, роден 2005 година во Скопје, ученик во 4та година во државното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот мултимедиа.

Изложбата ќе биде отворена до 3 март.