Откриен океан под површината на една од најмалите месечини на Сатурн

Астрономи открија нови докази дека една од најмалите месечини на Сатурн, „Мимас“, крие огромен океан под нејзината ледена површина, пишува „Си-Ен- Ен“.

Новиот пронајдок е од суштинско значење за научниците и може да им помогне во потрагата за светови погодни за живот во огромното пространство на длабоката вселена.

Пред да започне мисијата Касини на НАСА која го проучува Сатурн и некои од неговите 146 месечини, научниците мислеа дека „Мимас“ е само големо парче мраз.

Податоците од мисијата Касини покажуваат дека ротацијата и орбиталното движење на „Мимас“ доживеале промени предизвикани од нејзината внатрешност. Тим од европски истражувачи во 2014 година утврди дека ротацијата на месечината ја предизвикува цврсто издолжено и карпесто јадро или пак подземен океан. За да видат кое сценарио е најверојатно, астрономи од Опсерваторијата во Париз ги анализираа податоците од орбиталното движење, а нивните откритија беа објавени вчера во списанието „Nature“.

„Утврдивме дека вртењето и орбиталното движење на месечината не се совпаѓа со набљудувањата на Касини дека ‘Мимас’ има карпесто јадро во форма на палачинка. Наместо тоа, еволуцијата на орбитата на ‘Мимас’ со текот на времето сугерираше дека внатрешен океан го обликувал нејзиното движење“, изјави д-р Лејни од Опсерваторијата во Париз.

„Ова откритие го додава ‘Мимас’ во ексклузивниот клуб на месечини со внатрешни океани, вклучувајќи ги Енцелад и Европа, но со единствена разлика: нејзиниот океан е неверојатно млад; се проценува дека е стар само 5 до 15 милиони години“, додаде коавторот на студијата д-р Ник Купер.

Океанот сѐ уште се развива, па „Мимас“ може да понуди уникатен прозорец во процесите зад тоа како се формирале подземните океани на други ледени месечини, велат истражувачите.

Откритието би можело да го промени начинот на кој астрономите размислуваат за месечините низ нашиот Сончев систем.

Инаку, месечината „Мимас“ е позната по својата неверојатна сличност (по изглед) со Ѕвездата на смртта, огромната воена вселенска станица од филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ (Star Wars). Таа првпат била откриена од англискиот астроном Вилијан Хершел во 1789 година како мала точка, додека во 1980 првпат била снимена од вселената со сондите Војаџер.