Откажана изложба на Аи Веивеи во Лондон поради негови објави за војната во Газа

Кинескиот уметник и дисидент Аи Веивеи изјави дека неговата изложба во галеријата Лисон во Лондон е откажана откако на социјалните мрежи коментирал за војната меѓу Израел и Хамас.

Кинескиот современ уметник е познат по неговите политички коментари и активизам за човекови права. Тој е гласен во својата поддршка за Палестинците.

Во оттогаш избришаниот твит Веивеи напиша: „Чувството на вина околу прогонот на еврејскиот народ беше префрлено за да се наруши арапскиот свет. Еврејската заедница беше значително присутна во САД на финансиски, културолошки и медиумски план. Годишниот пакет за помош од 3 милијарди евра за Израел со децении беше една од највредните инвестиции на САД. Ова партнерство често е опишано како заедничка судбина.“.

Од галеријата Лисон напишаа дека по долги разговори со уметникот по неговата објава на постот се договориле дека сега не е правилниот момент да се изложат неговите дела.

„Нема простор за дебата што може да биде карактеризирана како антисемитска или исламофобична во време кога сите напори треба да се направат со цел да се стави крај на трагичното страдање што се случува на израелските и палестинските територии како и во заедниците на меѓународно ниво. Аи Веивеи е добро познат за неговата поддршка на слободата на изразување и по неговите заложби за угнетените, и поради тоа го почитуваме и цениме нашиот однос со него“, рекоа од галеријата.

Според Веивеи секој има право на мислење, дури и кога тоа не е правилно.

„Неправилните мислења треба особено да се охрабруваат. Ако слободното изразување се ограничи на ист вид мислења, тогаш ќе се скрати слободата на изразување. Таа е наменета за различни гласови – поразлични од нашите. Едноставно кажано, ние никогаш не сме живееле во општество каде има слобода на говор туку во општество каде говорот не се негува; каде индивидуалниот говор не се смета за важен и прифатлив од оние кои го контролираат“, пишува уметникот во твитот.

Тој продолжува: „Откажувањето на изложба воопшто не е важно, затоа што има илјадници и десетици илјади други изложби кои се’ уште траат. Не е важно ни дали јас постојам или не, затоа што секогаш ќе има некој кој ќе сака да ја бара светлината и радоста што ја оживува светлината, бидејќи луѓето не сакаат темнина“.

Веивеи претходно во неговиот документарен филм „Human Flow“ од 2017 се осврна на конфликтот за глобалната бегалска криза во која беа прикажани снимки од Газа.

Негов претставник соопшти дека покрај во Лондон, откажани се и изложби во Њујорк, Париз и Берлин.