Откако привремено беше прекинат, пописот денеска се одвива со намален интензитет

Пописните активности на терен течат, не се прекинати, но се спроведуваат со намален интензитет, со цел техничкото усогласување да заврши во најкраток можен рок и што побрзо да продолжи со висок интензитет како и досега, информираа денеска од Државниот завод за статистика.

Во текот на вчерашниот ден пописот беше привремено прекинат поради надминување на помали технички предизвици, соопштија вчера од ДЗС, но додадоа дека до крајот на септември успешно ќе се спроведе ваквата операција.

„Државниот завод за статистика го информира населението дека напредуваат активностите за надминување на помалите технички предизвици кои повремено се појавуваа претходните денови кога на терен имаше висок интензитет на попишување (…) Ова се должи на техничките интервенции кои се вршат во софтверот за пописната апликација поради што се диктира и прилагодува темпото на попишување заради санирање на пречките кои доведуваа до успорување на пописната апликација“, информираа тие денеска.

Тимот за техничка поддршка на пописните активности велат дека работи забрзано на надминување на проблемот и дека има сериозен прогрес, што значи дека во најбрз можен рок, како што велат, сите попишувачи ќе можат непречено да ја извршуваат својата работа.

Во меѓувреме, од ДЗС информираат дека во последните денови, веб-страниците на Државниот завод за статистика биле под постојани напади и поради тоа, во одредени периоди не биле достапни, поради заштитите што се користат за спречување на ваквите напади.

„Страниците се со највисоко ниво на безбедност, а податоците се заштитени на повеќе нивоа по највисоките ИТ стандарди“, додаваат тие.

Дополнително, тие апелираа до јавноста да има разбирање за техничките проблеми, кои велат дека се вообичаени кога станува збор за масовни операции со користење на напредни технологии.

„Повторуваме дека процесот на попишување е во рамки на планираното и очекуваното и тој ќе биде целосно, успешно и крајно професионално завршен до 30 септември“, истакнаа од ДЗС.