И неписменоста со родов јаз, образовните пречки и понатаму „Гордиев јазол“

И покрај тоа што неписменоста во земјава е во склад со европскиот просек односно, 1.2 проценти, забележлив е родов јаз, па од регистрираните 18.897 неписмени лица најголемиот број се жени – дури 13.380.

Дополнително, вкупниот број на мажи без образование во државава е 6.988 лица, додека пак без образование има 16.204 жени.

„По методологија неписмени се оние кои не можат да прочитаат или напишат нешто, кои немаат никакво познавање од некакво писмо или јазик, а лицата без образование имаат некаков степен на образование, најчесто основно“, истакнуваат за Радио МОФ од Државниот завод за статистика, кои неодамна ги објавија резултатите.

Доколку се разгледаат статистиките, се забележува дека вкупниот број на мажи без завршено основно образование е 20.009, додека кај жените оваа бројка се дуплира – 42.120.

Националните истражувања укажуваат на лош систем на образование

Интересен податок е дека помеѓу младото население до 29 години, средно образование имаат 87.621 мажи, додека кај жените оваа бројка е помала, односно 69.813.

Петар Барлаковски од Младинскиот образовен центар (МОФ) вели дека фактот што во државата  сѐ уште постојат лица кои се неписмени е навистина загрижувачки, додавајќи дека сепак, кога ќе се направи компарација во однос на бројката на писменост, односно неписменост на населението, нашата држава не отскокнува од просекот од останатите држави, односно се движи помеѓу 1 до 2 проценти население кое е неписмено.

„Сепак, и овој процент не е за занемарување, односно образовните институции треба да се ангажираат по активно во описменување на она населние кое што е неписмено, особено на женскиот род поради тоа што, според податоците може да се увиди дека за жал бројот на жени кои се неписмени е поголем приближно двојно од бројот на мажи“, вели Барлаковски.

Влора Речица, истражувачка во Институтот за демократија (ИДСЦС), вели дека бројките зависат од тоа дали на жените им било дозволено образованието, и ако да, колку се успешни.

„Според податоците на ДЗС, најголем дел на дипломирани, магистрати и доктор на науки се жени. Тоа значи дека доколку на жените им е дозволено да влезат во процесот на образование, се пофокусирани да извлечат најмногу од истиот. Од друга страна, за жал кај нас сѐ уште постои пракса на девојките да им се одземе правото на школување, особено кај маргинализираните групи, за сметка на рано мажење. Тоа дефинитвно влијае на бројката на неписменост“, истакнува Речица.

Таа посочува дека според Атласот за малолетни бракови кој користи податоци од 2020 и 2021 година,  7 отсто од девојчињата во земјава се мажени пред 18 години, а 1 отсто од девојчињата се мажени пред нивниот 15 роденден.

Дополнително, се вели во истражувањето, детските бракови преовладуваат во вардарскиот регион, каде 19 отсто од жените на возраст од 29 до 40 години, биле омажени пред нивниот 18 роденден.  Се смета дека бројката на детските бракови е три пати поголема во руралните делови од земјава. Дополнително 43 отсто од ромските девојчиња биле омажени пред 18 години.

„Истражувањата покажуваат дека жените од семејства со ризик од социјално исклучување, особено од ромската заедница, генерално се повеќе исклучени од образовните процеси. Владата и ресорните министерства треба да воведат механизми за намалување на стапките на напуштање на образованието на девојчињата од овие заедници. Граѓанските организации играат клучна улога во обезбедувањето на некои од овие услуги за ромската заедница, но сепак се потребни системски промени“, посочува Речица.

Таа додава дека е потребна поголема финансиска поддршка околу образовните процеси за овие семејства, активна едукација на населението во маринализирани средини и поддршка на неформални актери кои нудаат образовни услуги.

И Барлаковски се надоврзува велејќи дека државата треба да се фокусира и на обезбедување образование во руралните средини поради фактот што младите кои живеат во овие региони, не по своја вина се соочуваат со недостапност до образование – дали од аспект на немање на училиште или пак од аспект на немање соодветна инфраструктура, превоз и поврзување до училиштето.

Тој забележува дека се потребни суштински промени во образованието, додавајќи дека сите меѓународни, но и национални истражувања укажуваат на лош систем на образование.

„За жал сѐ уште квалитетот на образованието не е приоритет. Пред сѐ треба да се работи на достапноста на образованието и поголемо вклучување на младите во образовниот процес. За жал, во нашата држава имаме млади луѓе, деца кои наместо да се во училишните клупи се надвор на улица. Потребно е итно државата преку нејзините инстицуии да го адресира овој проблем поради тоа што е недозволвиво сѐ уште да гледаме како млади луѓе се надвор од образовниот процес.

Родовиот јаз во образованието е генерациски проблем

Колку е поголема возраста на демографската група, толку повеќе се зголемува родовиот јаз кај лицата без образование, па така бројот на жени без образование од 45 до 66 години во земјава изнесува 4.784, додека пак кај истата возрасна група на мажи изнесува 1.983.

Радио МОФ испрати прашања до Министерството за образование и наука (МОН) за тоа дали се работи на програми за дополнително намалување на неписменоста кај генералното население, но од МОН нѐ упатија до ЈУ Центар за образование на возрасните, како институција која спроведува програми за едукација, доквалификација и преквалификација на возрасните.

Оттаму за Радио МОФ велат дека носењето на политиките во областа на образованието е во надлежност на Министерството за образование и наука, вклучително и борба со намалување на неписменоста.

Од Центарот за образование на возрасни не дадоа конкретен одговор за тоа дали постои стратегија за намалување на родовиот јаз, туку посочија на Стратегијата за родова еднаквост 2021/2026, а на нашето прашање на што се должи родовиот јаз кај стапката на неписменост, од центарот истакнуваат дека ваквите анализи не се во нивна надлежност.

Ивана Смилевска