Осуда од Платформа за родова еднаквост поради говорот на омраза кон новинарката Бехадини

Од Платформата за родова еднаквост најостро го осудија говорот на омраза и заканите кон новинарката и активистка Рита Бехадини, а апелираат нејзината безбедност да биде загарантирана.

Платформата за родова еднаквост изрази поддршка кон новинарката и активистка Рита Бехадини, која доби експлицитни закани за својата физичка безбедност на социјалната мрежа „Фејсбук“ по објавување на својот став во врска со јавно изнесени сексистички ставови „ за место на жената во општеството“ од страна на Оџа.

„Солидарно со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бараме итна реакција затоа што заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите. Оттука, МВР и ОЈО имаат обврска веднаш да ги истражат и процесираат овие експлицитни закани и да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат вакви кривични дела во иднина. Рита Бехадини го пријави случајот во Министерството за внатрешни работи (МВР) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, а ние како членки на Платформата за родова еднаквост будно ќе ги следиме активностите кои МВР ќе ги преземе“, се вели во реакцијата.

Од Платформата за родова еднаквост се надоврзуваат на инстражување спроведено од македонската медиумска платформа ПИНА, според кое над 81% од 103 анкетирани новинарки во земјава досега се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа, најчесто преку социјалната мрежа Фејсбук.

„Критиката во објавата на Рита се однесува на тоа како патријархалните вредности преку религијата придонесуваат кон нормализирање на родово базираното насилство. Во време кога родово базираното насилство во реалноста останува несанкционирано, дигиталното насилство сè повеќе се зголемува. Така, овие закани се упатуваат со единствена цел да ги уплашат и обесхрабрат оние кои се залагаат за подобар свет“, велат од Платформата.

Оттаму додаваат дека жените и девојките кои се гласни во дигиталниот простор за човековите права често се мета на закани.

„Онлајн закана претставува ‘исказ за намера да се нанесе болка, повреда, штета или друго непријателско дејствие’ на лицето на кое му е упатен исказот. Покрај заканите со насилство во онлајн опкружувањето, заканите сѐ почесто се поврзани со насилството во офлајн светот – тука спаѓаат заканите со смрт, како и заканите со физичко и сексуално насилство. Заканите за физичко насилство некогаш не се однесуваат само на новинарката, туку го опфаќаат и нејзиното најблиско опкружување, како семејството, пријателите и колешките и колегите во медиумите“, истакнуваат од Платформата.

Според нив, во последните месеци се зачестуваат јавните изкази на религиски лидери кои се полни со говор на омраза насочен кон жените и девојките, активист(к)ите за човекови права, со кои поттикнуваат на родово базирано насилство вршено од нивните следбеници.

Од Платформата за родова еднаквост ги повикуваат надлежните институции да го испроцесираат случајот соодветно, да понудат заштита и да превенираат идни закани кон Рита и кон сите останати новинарки и активистки кои се изложени на напади.