ЗНМ: Кривична одговорност за експлицитните закани кон новинарката Рита Бехадини

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара итна реакција за експлицитните закани упатени кон новинарката на Алсат М, Рита Бехадини на нејзината објава во врска со јавниот став од страна на оџата од Сарај на социјалната мрежа Фејсбук.

Од новинарското здружение објаснуваат дека денес добие пријава од новинарката Бехадини, дека во последниве неколку дена е мета на закани од лица со профили на социјалната мрежа Фејсбук.

Пријавата е посебно концентрирана на една закана, со која се таргетира физичката безбедност на новинарката, а во заканата се вели дека таа ќе биде пречекана пред  телевизијата „Алсат“, каде што е нејзиното работно место, и претставува директен повик за физичко насилство кон новинарката Бехадини со што се загрозува нејзината безбедност, а потенцијално и сигурноста на останатите колеги од медиумот.

Од ЗНМ велат дека експлицитната закана по животот на новинарката Бехадини е пријавена до Министерството за внатрешни работи (МВР) до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика.

Дополнително, од Здружението инсистираат на брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на авторот или авторите на оваа закана.

„Укажуваме дека заканите по живот се кривични дела опфатени во Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна за сторителите, а МВР и ОЈО, треба веднаш да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кои го прекршуваат законот, но и да превенираат евентуални вакви кривични дела во иднина“, се вели во реакцијата.

Од ЗНМ потсетуваат на  Протокол за безбедност на новинарките на интернет, кој беше издаден годинава, а кој нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и воопшто на интернет.