„Осетливи ткива“ – самостојна изложба на Васил Тасевски во Музеј на Македонија

„Осетливи ткива“ е прва самостојна изложба на аналогни фотографии на Васил Тасевски во Македонија, која ќе биде отворена денеска (16 март, сабота) од 13 часот во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија. Изложбата ко-продукција на Порта27 (Франција) и Партизанска штампа (Македонија), а курирана од Јелена Белиќ.

Изработени на колор фотографска хартија во големи нестандардни формати, таа е сублимат на три реализирани изложби, „Спомен од еден лет“,„Границите на бојата“ и „Невидливи градови” („Mémoire d’un vol“, „Les Frontières de la couleur“, „Villes invisibles“) и тековниот фотографски проект „Загадени пезажи” („Paysages contaminés“) .

„Фотографиите се ткива грижливо исечени и земени од својот првобитен свет, кои поврзани со тенки мембрани градат ново осетливо тело. Нови нуклеуси допатувани од друга земја со ознака кршливо, кои и покрај своите импресивни големини, функционираат како шума од ластарки, динамична и со изразена дихотомија, на сила и чувствителност“, пишува Јелена Белиќ кон изложбата „Осетливи ткива“.

Таа вели дека покрај класичните начини на фотографирање со филм и развивање на светло-осетлива хартија, уметникот Васил Тасевски употребува различни техники при нивното создавање, од мастила во боја и доцртување, експерименти со колажирање, хемиграми, до перформативно развивање со платно натопено во хемија со помош на конструиран светлосен плафон за големи димензии.

„Творечко патување на Васил Тасевски е разнолико и вклучува перформативни и визуелни уметности. Пристапот кон тие уметнички дисциплини (циркуски акробации, театар, перформанс, видео, инсталации, фотографија) е пред се експериментален, но и скитнички. Идеите начнати во еден медиум, се трансформираат и со акробатска леснотија преоѓаат од еден во друг, се преплетуваат, се надополнуваат и градат еден посебен свој визуелен идентитет преку соединување, искуства и преминување на граници. Во ‘Осетливи ткива’ со растегнување на границите едно дело опфаќа друго, ја менува неговата структура и учествува во изградба на ново доживување“, пишува Белиќ.

Инаку, Васил Тасевски е роден 1984 година во Скопје. Ја открива аналогната фотографија на 14 години, портретирајќи најчесто луѓе, а подоцна почнува да се занимава со акробатските вештини и театар. Во Скопје е дел од перформерската група „Fuzz Bubble“, основана 1998 година. На 20 години се сели во Франција за да студира циркуски уметности. Своето образование го започнува во Центарот за циркуски уметности „Балтазар“ (Монпелие, Франција), а го завршува во Националниот центар за циркуски уметности (Шалон-ан-Шампањ, Франција). Магистерски студии по современата уметност и нови медиуми завршува во Ле Френуа – Национално студио за современи уметности (Туркуан, Франција).

„Во 2008 година, тој заедно со Марион Коле и Матје Гари го основал Колективот ‘Портa27’. Во рамките на овој колектив, развива повеќе перформативни дела, меѓу кои и циркускиот перформанс ‘Мингус Мингус Мингус Мингус Мингус’, кој во својот фокус ја има џез музиката, како и проектот ‘ISSUE01’, во кој го започнува своето уметничко истражување на темата на скитањето“, стои во најавата за изложбата.

Во инсталацијата „Се разбудив во движење“ („I woke up in motion“, 2017, Ле Френуа) тој ги истражува скитањето, трансформациите и потрагата по идентитет, а истата тема ја дообработува во 2020 година креирајќи перформанс кој спојува фотографија, видео инсталација, изведба и циркуски уметности.

„Ставајќи акцент на тактилното спознавање и физичкиот контакт при рачна изработка на фотографијата, во 2021 година, Васил претвора приколка во патувачка фотографска лабораторија наречена ‘Лабелфото’. Така патувајќи, на луѓето кои ги запознава, им го покажува целиот процес на создавање на една аналогна фотографија. Во 2023-тата година, тој го поставува перформативниот спектакл ‘Заспани градови’, заедно со изложбата ‘Невидливи градови’. И двете инспирирани од инсталацијата ‘Спомен од еден лет’, во која конструираниот светлосен плафон – негова иновација, наменет за проектирање на зголемени слики, со цел нивно развивање, се претвора во циркуска реквизита или ангажирана сценографија“, се вели во најавата за изложбата.