Општините „штедат“ во споделувањето финансиски информации, само 10 општини имаат граѓански буџет

Македонските општини исполнуваат само 27 отсто од индикаторите за финансиска транспарентност, при што дури 12 од нив го немале објавено буџетот на нивните веб-страници, а само 10 единици на локалната самоуправа (ЕЛС) имале изработено граѓански буџет за 2021 година. Ова се дел од резултатите до кои дојде истражувањето на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, во чии рамки е направена проценка на состојбата на доброто владеење на општините за 2021 година. Истражувањето на општините траеше помеѓу 1 јуни и 15 јули 2021 година, а ги опфати сите 80 ЕЛС и градот Скопје, објави Мета.

Во делот на финансиската транспарентност, Фондацијата Метаморфозис во истражувањето заклучи дека општините треба да објавуваат повеќе податоци и информации за буџетот и трошењето на јавните пари бидејќи тоа придонесува за намалување на корупцијата, како и за обезбедување ефективно учество на граѓаните во процесите на буџетирање.

Притоа, во истражувањето се додава дека пристапноста до и видливоста на финансиските информации (буџети, завршни сметки, финансиски извештаи и јавни набавки) се законска обврска за општините и јавните претпријатија, но не сите ја исполнуваат оваа должност. Резултатите од ова истражување покажуваат дека општините не објавуваат податоци за платите на функционерите и надоместоците на членовите на општинските совети.

Кога станува збор за финансиската транспарентност, скопската општина Карпош има најдобар резултат (58 отсто), додека најниско се оценети општините Теарце, Сарај, Студеничани, Сопиште, Пробиштип, Врапчиште и Арачиново, кои не објавиле никакви податоци за нивното финансиско работење во текот на периодот на истражување.

Целата тема може да ја прочитате ТУКА.