Излезот од состојбата со сметот што се јавува како проблем во Тетово, Општината го гледа во фирма од Словенија со кого се реши да потпише договор за јавно-приватно партнерство за собирање и депонирање на комуналниот смет од градот, пишува „Сакам да кажам.мк“.
Општината првин направи физибилити студија за оправданоста на јавно-приватно партнерство, а потоа спроведе тендер на кој е избрана фирма од Словенија, а, како што пишува сдк.мк Одлуката е донесена на последната седница на Советот на Општината.
За ова е избрана компанијата „Саубермахр Словенија, услуги за заштитна животна средина“ со седиште во Мурска Собота. Предмет на договорот е воспоставување на јавно-приватно партнерство за собирање и депонирање на комунален отпад на цела територија на Општина Тетово до депонија Русино кое се остварува како јавна набавка.
„Целите што треба да се постигнат со доделување на договорот за јавното приватно партнерство е интегриран систем за управување со отпад кој ќе биде ефикасен во однос на отстранување на целиот отпад, намалување на количините и да се отстранат опасностите по животната средина“, изјави Бесар Дурмиши, претседател на Советот.