Општина Центар распиша повик за субвенционирање на опрема за велосипед, е- велосипед и е-тротинет

Од Општина Центар информираат дека е распишан Повикот за доделување на поединечна субвенција за жителите на Општина Центар, за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за
велосипед, е-велосипед и е-тротинет во 2023 година.

Повикот е распишан во рамки на Програмата за заштита на животната средина на Општина Центар за 2023 година, а цели кон поздрава животна средина и намален сообраќаен метеж преку полесен пристап за набавка на дополнителна и заштитна опрема за велосипед, е- велосипед и е- тротинет.

„Општина Центар преку различни проекти ги мотивира граѓаните да користат еколошки превозни средства кои ја развиваат физичката активност, влијаат на виталноста на телото,  но и го одбегнуваат метежот во сообраќајот. Преку проектот Центар на точак  минатата година субвенциониравме 134 жители кои купија нов велосипед и 7 за нов Е-тротинет, а од оваа година за првпат пат ќе се субвенционира и купување на дополнителна опрема за велосипеди и Е-тротинети“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.

Од Општина Центар посочуваат дека локалните власти се силно фокусирани за зголемена употреба на велосипеди, е-велосипеди и е-тротинети, а истакнуваат дека потврда за тоа е наградата за „Највело општина во Скопскиот плански регион за 2023“.

Јавниот повик ќе трае до исцрпување на средствата предвидени во Буџетот на општината, а ќе функционира по принципот ,,прв дојден – прв услужен“. Од Општина Центар посочуваат дека правото на субвенција е еднократно.

„Со Јавниот повик ќе се субвенционира 30% од цената за купување на дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед и е-тротинет, но најмногу до 1.000 денари. Секој полнолетен жител на Општина Центар што купил дополнителна опрема, односно седишта за деца или кациги за велосипед, е-велосипед или е-тротинет има право да аплицира на Јавниот повик, ретроактивно од 1.8.2023 година“, посочуваат  од Општина Центар.

Потребните документи за аплицирање на Јавниот повик за доделување на поединечна субвенција се објавени на веб- страницата на Општина Центар.

Барањата со комплетна документација треба да се достават во Архивата на Општина Центар, барака бр.6, секој работен ден од 09 до 15 часот, а за дополнителни прашања отворени се телефонските броеви 02/3203-
600 и 02/3203-693.