Општина Центар објави мерки за дератизација на училиштата, градинките и зградите и дезинфекција на јавните површини

Градоначалникот на скопската општина Центар, Горан Герасимовки информираше дека донеле 10 мерки за справување на кризата со ѓубрето.

Тој преку социјалните мрежи посочи дека деновиве ќе бидат поставени помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад (кои ќе се користат за обичниот отпад) на стратешки локации.

„Ве молам да го одлагате отпадот таму за полесно собирање и чистење“, нагласи тој.

Потоа, ЈП „ПОЦ“ ќе организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад.

„Ги повикуваме сите ресторани, кафулиња и локали во Центар: 1) Да го одлагаат отпадот на локации каде контејнерите не се преполни 2) Да го ставаат во двојни, или тројни кеси со цел да биде подобро заштитен. За ова ќе има информација веќе утре за тоа кои се локациите, а сите угостители ќе бидат директно информирани“, посочи Герасимовски.

Меѓу другото, тој објави дека за утре е предвидена итна средба со угостителите на која ќе бараат решенија за справувањето со сметот во Центар, додека викендов се прави итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, како и мапирање на кризни точки во близина на училиштата кои мора да се исчистат.

„Мора да се спречи сметот да се трупа во близина каде престојуваат нашите деца“, објави Герасимовски.

Понатаму, вели дека во моментот општината врши вонредна дератизација. Односно, во сите 1.980 шахти се фрла серитифициран препарат.

За Општината посочи дека ќе организира средба со сите управители на згради и куќни совети. На секое домаќинство ќе му бидат доделени големи, бесплатни кеси за отпад кои, како што вели, добро се затвораат и потешко се кинат.

„Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација. Најважно е да има дератизација на сите подрумски простории со цел спречување на ширење и размножување на глодарите. Засилена дератизација и дезинфекција ќе спроведеме на сите јавни површини, паркови и подрумски простории во јавните згради и објекти. Испраќам отворен повик до сите компании да помогнат со механизација, камиони и логистика. Ова е момент кога треба да покажеме оппштествена одговорност и солидарност“, стои во објавата.

Воедно, вели тој, општинската инспекција ќе биде постојано на терен, со задача да врши контрола на несовесно фрлање на ѓубре од градилишта, дуќани и фирми, а казните ќе бидат ригорозни за секое несовесно однесување.

„Апелирам сите граѓани и компании да ги почитуваат (мерките) и да се информираат. Ајде заедно да придонесеме да го надминеме проблемот кој го создаде Комунална хигиена“, се вели во објавата на Герасимовски.