„Опенхајмер“ прикажан во Јапонија со знаци за предупредување пред киносалите

Добитникот на неколку награди за најдобар филм „Опенхајмер“ конечно имаше премиера во Јапонија, осум месеци по контроверзниот масовен маркетиншки притисок и загриженоста за тоа како нуклеарната тема ќе биде прифатена во единствената земја што претрпе атомско бомбардирање, пренесува Ал Џазира Балканс.

Јапонија досега беше изоставена од прикажувањето на филмот, покрај тоа што филмот беше главно за пазарот во Холивуд.

На крајот на Втората светска војна беа фрлени атомски бомби врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки, при што загинаа повеќе од 200.000 луѓе.

„Секако дека ова е неверојатен филм кој заслужува Оскар“, изјави 37-годишниот жител на Хирошима, Каваи.

„Но, филмот, исто така, ја прикажува атомската бомба на начин што се чини дека ја велича, и како некој со корени од Хирошима, ми беше тешко да гледам“, рече тој.

На фотографиите споделени на социјалните мрежи се гледаат знаци поставени на влезовите на некои киносали во Токио, каде се предупредува дека филмот содржи сцени од нуклеарни експерименти кои би можеле да го претстават уништувањето предизвикано од бомбите.

Агеми Канагае пак, изјави дека имал помешани чувства откако конечно го изгледал филмот.

„Филмот и тоа како вреди да се погледне. Но, се чувствував многу непријатно поради неколку сцени, како што е судењето на Опенхајмер во САД на крајот“, рече тој.

Филмот „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан беше објавен во 2023 година.