Краткометражниот филм „Имиња“ на Јане Спасиќ ќе се прикаже на 45-то издание на фестивалот „Синемед“ во Монпелје

Краткометражниот игран филм „Имиња” на режисерот Јане Спасиќ е избран во официјалната селекција на 45-тото издание на Меѓународниот медитерански филмски фестивал „Синемед“ во Монпелје, Франција кој ќе се одржи од 20 до 28 октомври.

Исто така, филмот ќе се натпреварува за четири награди – Гран при, наградата Canal+, наградата на публиката и наградата на младото жири.

„’Имиња’ се снимаше во 2022 година, во продукција на ‘Арт проект лаб Скопје’, со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а домашната премиера на филмот се одржа во рамките на 22-то издание на СИНЕДЕЈС фестивалот во Скопје. Во филмот главните улоги ги играат Драгана Костадиновска, Јаков Павлов, Георгиј Негриевски и Петар Царановиќ. Во епизодните улоги се појавуваат актерите Тамара Ристоска, Златко Митрески и Ангела Стојановска. Директор на фотографија е Дејан Димески, сценографи се Срѓан Митровиќ и Михаил Пaнев, костимограф e Раде Василев, шминка и фризура Жанета Димитриевска, дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, а монтажер е Горјан Атанасов. Продуцент на филмот е Емилија Чочкова, која е и ко –сценарист заедно со Саше Тасев и Огнен Георгиевски“, посочија од „Арт проект лаб“.

Филмот, како што најавија од „Арт проект лаб“ ќе има две проекции, на 23 и 27 октомври, а по проекцијата на 27-ми ќе следува и разговор со режисерот Јане Спасиќ.