Она што се отсликува во учебниците, се пресликува во секојдневието – марш за образование без дискриминација

Малолетниците немаат толеранција за оние кои по нешто се разликуваат од нив. Образованието не ги учи доволно како да ги надминат предрасудите и стереотипите, бидејќи во самите учебници од кои тие учат, честопати се застапени. Ова денес го посочи Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Маршот за толеранција, кој се одржа по 11-ти пат во Скопје.

Годинава упатуваат апел против дискриминацијата во образовниот систем. Податоците на Хелсиншкиот комитет покажале дека малолетниците се најчести сторители, но и жртви на кривични дела од омраза, истакна Пировска.

„И покрај тоа што укажуваме дека наставните содржини треба да бидат соодветни на она што значи толeранција, односно прифаќање на сите различности, особено во Македонија којашто е мултиетничка зема, и понатаму наоѓаме учебници во кои може да се види како жената е претставена само како домаќинка, додека мажот лежи пред телевизија и чита весник. Или навредливи зборови кон етнички заедници. Исто така, хомосексуалноста се прикажува како девијантно однесување“, рече Пировска.

На ова се надоврза Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Маргини“ која напомена дека училиштата мора да бидат безбеден простор за сите ученици без разлика на род, сексуална ориентација, дали имаат посебни потреби или доаѓаат од различен социјален ризик.

Според последно истражување на Коалицијата со кое ја мапирале нееднаквоста што ја создава образовниот систем, дури 36 отсто од момчињата одговориле дека девојчињата би требало повеќе да се насочат да бидат добри мајки и сопруги отколку да гледаат кариера. Истото го одговориле 21 отсто од девојчињата. Таткото, пак, треба да има поголем авторитет од мајката во семејството, сметаат 41 отсто од момчињата и 24 отсто од девојчињата.

Во однос на насилството, дури 23 отсто од ЛГБТ момчињата биле малтретирани во училиштето наспроти 6 отсто од хетеросексуалните момчиња. Покрај ова, 36 отсто од ЛГБТ момчиња сериозно размислуваат за самоубиство, наспроти 6 отсто од хетеро момчињата, сподели Дрндаревска.

Според неа, овие податоци се алармантни, бидејќи ги покажуваат последиците од нееднаквоста и неприфаќањето на разликите. Како што посочи – додека се одобрува насилството, се овозможува негово повторување.

„Имаме комплетно застарени содржини, неспремен кадар што нема соодветна поддршка за да се справи со овие ситуации и воедно го банализира и минимизира насилството. Ја знаете онаа позната флоскула „деца се тоа, си играат“. Наставниците не ги препознаваат овие нееднаквости и притоа не можат соодветно да одговорат и да ги поддржат жртвите“, смета Дрндаревска.

„Досега ниту една власт го нема третирано образованието сериозно. Гледаме постојана смена на министри, неконзистентни политики во образованието и недостаток од инвестиции во овој сектор“, додаде таа.

Ова мислење го дели и Ашмет Елезовски Од Националниот ромски центар, кој посочи дека она што се отсликува во учебници се пресликува во секојдневието.

„Се изгуби чувството на човечност, се изгуби чувството да се толерираме, се изгуби љубовта кон најважните поединци во ова општество, а тоа се учениците и децата. Навистина во системот на образование треба еден сеопфатен, сериозен пристап бидејќи сето она што е во учебниците, всушност се пресликува и секојдневно“, рече тој.

Ашмет Елезовски

„Не ни треба само укажување дека ова се презема, направена е ваква или онаква кампања, бидејќи да ви кажам искрено, сите постанаа и министрите, и владините институции, како проектантски бироа кои произведуваат проеки што не даваат ефекти, бидејќи на овие граѓани без оглед од која националност, им треба љубов, посветеност, развивање на чувството на потребата за почитување“, додаде Елезовски.

Денешниот марш започна од Музејот на Град Скопје, по што продолжи преку Плоштад Македонија, за да заврши во Старата скопска чаршија. Поддршка дадоа и Младински образовен  форум, ХЕРА, Реактор, Национален совет за родова рамноправност и Цивил.

Емилија Петреска

*Радио МОФ денеска објави примери од учебник по Граѓанско образование за средно образование што ни ги достави наш читател преку платформата „Пријави проблем, преку кои реагира на повеќе дискриминаторски, неинклузивни и навредливи содржини.

[Галерија] Дискриминирачки и неинклузивни содржини во учебници за средно