ОН: Озонската обвивка може да биде обновена за неколку децении

Човечките активности за зачувување на озонската обвивка функционираат како што се очекуваше, и таа може да закрепне за неколку децении, велат од Обединетите нации (ОН), јавува Би-Би-Си. Меѓународен договор од 1987 година за прекин на употребата на штетните хемикалии кои ја оштетуваат обвивката е успешен, се вели во главната проценка.

Озонската обвивка е тенок дел од Земјината атмосфера што апсорбира најголем дел од ултравиолетовото зрачење од Сонцето. Кога ќе се исцрпи, ова зрачење може да стигне до површината – предизвикувајќи потенцијална штета на луѓето и другите живи суштества.

Ултравиолетовите зраци можат да ја оштетат ДНК-та и да предизвикаат изгореници, зголемувајќи го долгорочниот ризик од проблеми како што е ракот на кожата.

Озонската обвивка почна да се исцрпува во 1970-тите. Отворена дупка во обвивката беше откриена од научниците во 1985 година. Само две години подоцна, беше потпишан Монтреалскиот протокол – со 46 земји кои ветија дека постепено ќе ги исфрлат штетните хемикалии.

Договорот подоцна стана првиот договор на ОН кој постигна универзална ратификација, а речиси 99% од забранетите супстанции што ја осиромашуваат озонската обвивка сега се постепено укинати.