„Олга“ – нова наративна македонска игра сместена во прилепското село Беловодица

На македонското гејминг поле на повидок е нова мистериозна игра. Од македонското студио „Workbench Entertainment“ доаѓа „Олга“ (Olga) – наративен симулатор со движење во прво лице, со стилизиран визуелен израз. Колоритот од тизер видеото потсеќа на „Firewatch“, но приказната е сместена во селото Беловодица, Прилепско.

Тимот на „Workbench“ се љубители на природата кои многу често организираат планински тури низ Македонија. Токму на една от тие тури при посетата на малото селце се родила идејата за проектот наречен „Олга – Епизода 1“.

„Тоа беше знак дека е време да ја претвориме оваа идеја во нешто повеќе, па така почнавме да работиме на нашата нова игра“, велат од македонското студио.

Како што објаснуваат, во играта ќе има елементи од културата распространета на нашето подрачје.

„Откако ќе наидат на навидум најголемата можност за развој на кариерите во нивните животи, родителите на Олга ја напуштаат земјата на неколку месеци, оставајќи ја во домот на нејзината баба и дедо во Беловодица, скриено, изолирано село длабоко во планините. Приказната се одвива во време кога уредите за комуникација, како што се мобилните телефони, не биле достапни за оние што живеат во такви области. Се’ што Беловодица има да и’ понуди на Олга е изолиран, мирен и спокоен живот со старите баба и дедо, или барем во тоа сакаше да верува…“, стои во најавата за играта.

Низ приказната ќе можат да се сретнат вистински случки и ликови кои постоеле и дејствувале токму во Беловодица.

„Еден од нашите членови не снабди со книга за селото која ни беше од огромна помош кога станува збор за тоа како ќе го претставуваме во 3Д форма. Во играта ќе забележите дека релјефот, архитектурата и другите елементи се скоро идентични како во реалноста“, посочуваат од студиото за развој на игри.

Засега „Олга“ нема официјален датум за издавање, ама креаторите имаат план да се објавува во епизоди.

Фото: Принтскрин од видео на Workbench Entertainment